Америка во пламен – горат повеќе од сто пожари

43

Американските власти соопштија дека во земјата избиле шест нови пожари, со што бројот на активни шумски пожари во државата се зголеми на повеќе од сто. Според властите, се очекува нови пожари да избијат од удар на громови. На терен се наоѓаат повеќе од 30.000 луѓе, вклучувајќи и пожарникари од Австралија и од Нов Зеланд, кои активно работат на гаснење на пожарите.
– Очекуваме нови пожари денеска – соопшти Националниот центар за следење бури во Оклахома.

Според центарот, се очекуваат слаби врнежи од дожд, проследени со силни грмотевици во пределот на Карпестите Планини, а во северозападниот дел на САД се очекуваат силни ветрови и слаба влажност на воздухот.
Во меѓувреме, стотици пожарникари и натаму се борат со големиот шумски пожар што беснее во јужниот дел на американската сојузна држава Калифорнија. Противпожарната служба соопшти дека пожарникарите се обидуваат да го спречат ширењето на огнот кон блиските куќи. Пожарот што беснее на ридовите над езерото Елсинор, јужно од Лос Анџелес, досега уништи површина од речиси 77 квадратни километри, вклучувајќи и 13 куќи.

Пожарникарите досега успеале да изгаснат само околу десет проценти од пожарот, но се стравува дека силниот ветер што е најавен, дополнително ќе ја отежни нивната работи и може да придонесе за дополнително ширење на огнената стихија. Поради стравување од можно проширување на пожарот, властите наредија евакуација на 20.000 лица од областа.