Американците ги бомбардираа талибанските позиции, загрозен мировниот процес

138

Соединетите Држави денес започнаа воздушни напади врз талибанските позиции во јужната авганистанска провинција Хелманд, што е прв американски напад врз талибанците по потпишувањето договор за повлекување на американските сили од земјата.

„Ројтерс“ наведува дека претставникот на американските сили во Авганистан, полковник Сони Лигет, изјавил дека талибанците активно го напаѓале контролниот пункт на авганистанските национални безбедносни сили.

– Затоа врз талибанските напаѓачи се изведени одбранбени воздушни напади – рече полковникот.

Полковникот на американската армија изјави дека Вашингтон е посветен на мирот, но апелираше до талибанците да ги прекинат „непотребните напади“ и да ги почитуваат обврските преземени со потпишувањето на договорот минатата сабота во Доха.

АП пренесува дека американскиот претседател Трамп потврдил дека лично разговарал на телефон со лидерот на талибанците.

Трамп е убеден дека е првиот американски претседател кој комуницирал директно со еден лидер на талибанците, кои се одговорни за смртта на илјадници американски војници за време на 19-годишните судири во Авганистан.