Американските сенатори мета на странски хакери

18

Владини хакери од странски земји продолжуваат да ја напаѓаат приватната електронска пошта на американски сенатори и нивните помошници, а сенатската служба за безбедност одбила да им обезбеди кибер заштита, истакна синоќа сенаторот демократ Рон Вајден.

Во писмо до лидерите на Сенатот, тој предупреди дека објекти на такви кибер напади се електронските пошти на неодреден број сенатори и нивните помошници. Не се открива дали се работи за сенатори од двете партии. Слични методи биле користени од страна на агенти на руското воено разузнавање при нивните обиди да влијаат на изборите во САД во 2016 година.

Сенаторот од државата Орегон не прецизира кога биле регистрирани хакерските напади, но според вработен во Сенатот, кој побарал да остане анонимен, тоа се случувало во последните недели и месеци. Вајден вели дека секторот кој се занимава со безбедноста во Сенатот, ги информирал конгресмените и нивните помошници дека нема овластувања да се грижи за безбедноста на нивните приватни електронски пошти, туку само за службените. Портпарол на одделот одби да го коментира ова прашање.

– Тоа треба да се промени. Изборите во ноември се повеќе се доближуваат, Русија продолжува со напади против нашата демократија и Сенатот едноставно нема време за да си го дозволи луксузот да го одложува решавањето на овој проблем, пишува Вајден во писмото.