Американските нуклеарки адут во односите помеѓу Вашингтон и Анкара

301

Администрацијата на претседателот Доналд Трамп изминатите денови повторно ги разгледува плановите за преместување на нуклеарните бомби „б-61“ од базата Инџирлик, која се наоѓа на околу 150 километри од турско-сириската граница. Висок американски функционер предупредил дека бомбите станале „заложници“ на Ердоган и оти нивното преместување де факто ќе значи и крај на турско-американскиот сојуз, пишува „Гардијан“

Иднината на околу 50 нуклеарни бомби, складирани во американската воздушна база во Турција, е неизвесна, откако односите помеѓу Вашингтон и Анкара значително се заладија поради турската воена операција против Курдите во Сирија. Високи американски функционери стравуваат дека тие може да бидат искористени од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за да изнуди отстапки од администрацијата во Вашингтон, која е сѐ погласна со критиките поради воената операција. Поради тоа, администрацијата на претседателот Доналд Трамп изминатите денови повторно ги разгледува плановите за преместување на нуклеарните бомби „б-61“ од базата Инџирлик, која се наоѓа на околу 150 километри од турско-сириската граница. Висок американски функционер предупредил дека бомбите станале „заложници“ на Ердоган и оти нивното преместување де факто ќе значи и крај на турско-американскиот сојуз, пишува „Гардијан“.

Плановите за преместување на нуклеарките, како што наведува британскиот весник, често се разгледуваат, но никогаш не беа реализирани. Тие се наследство од Студената војна и немаат операциска функција во воените плановите. За да ги премести, САД ќе мора да донесат свои авиони, бидејќи Турција нема летала што се сертифицирани за пренесување нуклеарно оружје. Поранешни американски функционери тврдат дека во периодот на администрацијата на Обама се разгоре дискусијата за иднината на овие бомби поради две причини – агендата за разоружување на претседателот Барак Обама и безбедносните ризици по неуспешниот обид за државен удар против Ердоган во 2016 година. Базата Инџирлик беше искористена од дел од учесниците во пучот, вклучувајќи и еден турски генерал, кој побара заштита од американските колеги, барање што беше одбиено. Во еден момент, владата на Ердоган дури и го прекина снабдувањето со струја на базата, пред силите лојални на турскиот претседател да влезат во неа за да ги уапсат осомничените.
Џефри Луис, експерт од институтот за меѓународни студии „Мидлбери“, истакнува дека на САД не им е потребна дозвола од Турција за преместување на нуклеарките.
– САД може да го сторат тоа унилатерално и сметам дека тоа треба да го направат веднаш. Односите помеѓу Вашингтон и Анкара се во незапирливо опаѓање – додава Луис.

Сепак, Випин Наранг, нуклеарен експерт од Институтот за технологија во Масачусетс, оценува дека преместувањето на оружјето нема да биде толку едноставно.
– Нивното извлекување во овие услови може да биде многу ризично, бидејќи ќе вклучува преместување на 50 нуклеарни бомби од сефовите, возење низ турска база и пренесување низ турскиот воздушен простор. Целата операција може да биде ранлива и изложена на инциденти, кражба или напад – истакнува Наранг.

Како што продолжува турската офанзива во Сирија, така сѐ повеќе се доведува во прашање местото на Турција во НАТО. Министрите за надворешни работи на ЕУ во понеделникот се согласија да го следат примерот на Франција и на Германија, и да воведат забрана за продажба на оружје за Турција.

Во меѓувреме, американскиот претседател соопшти дека потпишал извршна наредба за воведување санкции против бивши и актуелни турски функционери и дека ги замрзнал преговорите за трговскиот договор помеѓу САД и Турција, вреден сто милијарди долари. Трамп исто така порача дека повторно ги воведува царините од 50 отсто за турскиот челик, кои првично беа воведени лани, како дел од притисокот за ослободување на американскиот свештеник Ендру Брансон, што доведе до пад на вредноста на лирата за 30 отсто.