Американскиот Конгрес со санкции против Кина поради Ујгурите

49

Долниот дом на американскиот Конгрес изгласа закон за воведување санкции против кинески функционери поради третманот на ујгурското муслиманско малцинство во земјата. Во законот, кој треба да биде одобрен и од Сенатот и од претседателот Доналд Трамп, кинеските власти се обвинуваат за арбитрарно притворање, тортура и малтретирање на Ујгурите. Со него се бараат „целени санкции“ против членови на Владата во Пекинг, како и против секретарот на Комунистичката партија во автономниот регион Ксинјанг, Чен Квангуо. Кина реагираше гневно на овој чекор на Вашингтон, порачувајќи дека станува збор за грубо мешање во внатрешните работи на земјата, наведува Би-би-си.

Усвојувањето на законот следува само неколку дена откако Трамп го потпиша актот за поддршка на продемократските демонстранти во Хонгконг, што исто така предизвика остра осуда од Пекинг. Доколку добие зелено светло од Сенатот и од Трамп, тогаш тоа ќе претставува најзначаен меѓународен обид за притисок врз Кина, поради масовното притворање на Ујгури и други муслимански малцинства. Целта на законот, според Би-би-си, е справување со масовното кршење на универзално признаените човекови права, вклучувајќи го и притворот на над еден милион Ујгури. Кинеските власти исто така се обвинуваат за систематска дискриминација против ујгурското малцинство, лишувајќи го од голем број граѓански и политички права, меѓу кои се и слободата на говорот, религијата, движењето и правичното судење. Со легислативата исто така се бара од Трамп да ги осуди злоупотребите против Ујгурите, а Кина веднаш да ги затвори сите кампови за притвор.