Американскиот државен секретар назначи специјален пратеник за Северна Кореја

34

Државниот секретар на САД Мајк Помпео го назначи Стивен Биган, потпретседател на автомобилската компанија Форд, за свој специјален претставник за Северна Кореја. Следната недела, двајцата ќе отпатуваат во Пјонгјанг.

– Стив ќе ја раководи американската политика кон Северна Кореја и ќе ги координира напорите за исполнување на зацртаната од претседателот (Доналд) Трамп цел за конечно и целосно потврдено нуклеарно разоружување на Северна Кореја, како што беше договорено со (севернокорејскиот лидер) Ким Џонг-ун, рече Помпео, цитиран од Ројтерс.

Досега Биган беше потпретседател, задолжен за односите со странски влади, во корпорацијата Форд. Тој беше вработен во Белата куќа и помошник на советничката за национална безбедност Кондолиза Рајс за време на владеењето на претседателот Џорџ Буш. Биган беше советник и на поранешниот шеф на пратеничката група на Републиканците во Сенатот (во периодот 2003-2007) Бил Фрист.

Помпео не прецизираше кога точно ќе ја посети Северна Кореја следната недела. Тоа ќе му биде четврта посета во затворената комунистичка земја оваа година и втора по историската средба меѓу Трамп и Ким Џонг-ун на 12 јуни во Сингапур.