Американската одлука за фрлање на атомска бомба врз Хирошима предизвикува поделби и по 75 години

343
Авионот „Енола геј“ што ја исфрли атомската бомба врз Хирошима е изложен во музеј во САД

Историчарите и воените лица имаат различни мислења за прашањето дали американското бомбардирање на Јапонија во 1945 година стави крај на Втората светска војна и спаси бројни животи или претставуваше незамислив чин на бруталност

Седумдесет и пет години откако исфрли атомска бомба врз Хирошима авионот „Енола Геј“ е реставриран и изложен во музеј во близина на аеродромот „Дулс“ во Вашингтон. Претходно, бомбардерот беше оставен да пропаѓа со децении. Беше раставен на делови, а птици се гнездеа во неговите мотори, пишува „Гардијан“.

Зад негрижата за авионот се криеше длабока национална неодлучност за неговото значење, недоумица која трае до денес. Дали ова е авионот што стави крај на Втората светска војна, спасувајќи бројни животи или оружје за масовно убивање на цивили кое го воведе светот во нова ера на нуклеарен терор?

Кога авионот беше обновен и беа објавени плановите за негово изложување во националниот музеј во 1995 година, историчарите се расправаа за значењето на изложбата и за неговото наследство.

Соочени со апелот на воените ветерани кои сметаа дека експонатот ќе ги стави јапонската и американската одговорност на иста морална рамнина, кураторите отфрлија некои елементи кои се однесуваа на убивањето на 140 илјади луѓе во Хирошима и на трката во нуклеарно вооружување што уследи. А директорот на музејот беше принуден да поднесе оставка.

Кога авионот беше потполно обновен и преместен во новата музејска зграда во 2003 година, имаше протести од Јапонците што го преживеаја бомбардирањето на Хирошима, како и на други незадоволни граѓани.

Сите спомнувања на моралната, политичката и на историската расправа за бомбардирањето на Хирошима на 6 август 1945 година, а потоа и на Нагасаки три дена подоцна, беа изоставени од местото каде што е изложен авионот, но тоа не ги спречи поделбите повторно да излезат на виделина во пресрет на 75-годишнината од исфрлањето на атомската бомба.

Несогласувањата не се забележливи само меѓу историчарите. Додека американското воздухопловство смета оти употребата на атомското оружје ставило крај на војната и спречило поголемо крвопролевање, националниот музеј на американската морнарица има поинакво мислење.

– Огромната деструкција предизвикана од бомбардирањетона Хирошима и на Нагасаки и загубата на 135 илјади луѓе имаа мал ефект врз јапонската армија – пишува на плочата покрај репликата на атомската бомба фрлена врз Хирошима, на која е наведен ставот на американската морнарица.

„Употребата на варварското оружје врз Хирошима и Нагасаки не беше од материјална корист во нашата војна против Јапонија. Јапонците веќе беа победени и подготвени да се предадат“ напишал адмиралот Вилијам Лихи кој претседавал со здружениот американско-британски штаб.

Кога авионот ја исфрлил првата атомска бомба врз Хирошима, јапонскиот амбасадор во Москва на Совјетите им ги соопштувал условите за крај на војната. А уништувањето на Хирошима не влијаело врз преговарачката позиција на Јапонија. Тоа се случило два дена подоцна која Јапонија претрпе двоен удар. На 8 август, СССР соопшти дека влегува во војна против Јапонија, како што Јосиф Сталин вети на Јалта, а неколку часа подоцна втората атомска бомба беше фрлена врз Нагасаки. Историчарите имаат различни мислења околу тоа дали одлуката на СССР за влегување во војна против Јапонија можеше сама по себе да стави крај на конфликтот.