Амбасадорите на ЕУ се согласија за покуса верзија на „црната листа“ во случајот Навални

99

Комитетот на постојани претставници во Европската Унија денеска се согласи со списокот со санкции против Русија во врска со инцидентот со Алексеј Навални, значително намалувајќи го за разлика од првичниот нацрт, од девет на пет лица, потврди дипломатски извор во Брисел за ТАСС.

– Можам да потврдам дека амбасадорите постигнаа договор за список на лица за ограничувања. Има околу пет лица. Нивните имиња ќе бидат објавени подоцна во Службениот весник на ЕУ – рече тој.

Првично, Германија и Франција предложија ЕУ да преземе санкции против девет лица.

На сите лица кои се наоѓаат на црната листа ќе им биде забрането влегување во Европската Унија на една година. Нивните финансиски средства во ЕУ, ако бидат најдени, ќе бидат замрзнати. Санкциите може да бидат продолжени ако не бидат укинати од Европскиот суд на правдата.

Навални беше пренесен во локалната болница во сибирскиот град Омск на 20 август откако колабрира на летот за Томск од Москва. Тој паднал во кома и бил ставен на респиратор во одделот за интензивна нега. На 22 август со хеликоптер беше пренесен во Берлин и примен во болницата „Шарита“, од каде што беше отпуштен на 22 септември.

На 2 септември, Берлин тврдеше дека откако ги испитале примероците од тестот на Навални, токсиколозите на германската влада дошле до заклучок дека блогерот бил отруен од токсичен агенс од семејството „новичок“.

На 9 октомври, рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, уште еднаш потсети дека ниту Германија ниту Организацијата за забрана на хемиско оружје не споделиле со Русија ниту еден официјален доказ.

Тој нагласи дека Германија игнорирала четири официјални прашања од канцеларијата на рускиот државен јавен обвинител во врска со случајот, непочитувајќи го меѓународното право. Тој е сигурен дека германската страна никогаш нема да може да изнесе докази.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Русија е подготвена за сеопфатна соработка со Германија. Тој посочи дека не биле откриени отровни материи во системот на Навални пред неговото пренесување во Берлин.