Активистите се согласуваат околу целта, но не и за начинот за нејзино остварување

166

Активистите кои излегоа на улиците по смртта на Џорџ Флојд се согласуваат во врска со системската неправда која беше повод за националниот бунт. Тие сакаат да стават крај на масовното затворање, да го демонтираат структурниот расизам и да прекине убивањето на Афроамериканците низ САД од страна на полицијата, пишува магазинот „Тајм“.

Но се појавија тактички разлики помеѓу различните табори на активисти во текот на седумте години откако „црните животи значат“ стана национален слоган. Некои активисти го прифатија реформистичкиот пристап, барајќи екипирање на полицајците со камери кои ќе ги снимаат нивните постапки, подобра обука за припадниците на законот, како и реформи во заедниците. Други, гледајќи дека тие мерки не успеваат да го намалат бројот на смртни случаи меѓу Афроамериканците, се залагаат за поагресивни стратегии кои ја ослабуваат полицијата или ја елиминираат (преку пренасочување на парите наменети за финансирање на полицијата или нејзино укинување). Сите овие активисти се посветени на иста цел, но не се согласуваат во врска со средствата за нејзино постигнување.

Оние што се залагаат за реформи по протестите во Фергусон во 2014 година ја оформија организацијата „Кампања нула“. Организацијата, сепак, во одредена мера го смени пристапот и сега се фокусира кон „намалување на моќта и улогата на полицијата“, откако активистите увидоа оти дел од предложените мерки не ги даваат очекуваните резултати.

Други активисти, пак, се скептични дека реформите можат да го прекинат насилството. Тие бараат кратење на финансирањето на полицијата или нејзино укинување.

– Најголемиот процент на градските и државните буџети е поврзан со полицијата и војската. Секоја машина која ја гледате на улиците чини стотици илјади долари кои можат да се искористат за тестирање за коронавирусот, финансиска поддршка и пристапни домови – вели активистката Алисија Гарза, која учестуваше во смислувањето на слоганот „црните животи значат“.

Други активисти го гледаат намалувањето на финансирањето како чекор кон укинување на полицијата.

– За ставањето крај на полициското насилство е потребна радикална промена во полицијата, не мала, ниту реформи, камери или нова обука, туку радикална промена во начинот на кој ги штитиме нашите заедници и јавната безбедност – смета активистката Џесика Бирд.

Иако укинувањето на полицијата моментно е политички невозможно, експертите велат дека поддржувачите на ваквата идеја веќе ги поставуваат темелите за долгорочна промена на начинот на кој луѓето треба да бидат заштитени.