Ако не се бориме, тоа ќе биде крајот за Хонгконг

548

 

Кампусот на Политехничкиот универзитет беше сцена каде што се одиграа жестоки судири на полицијата и демонстрантите

Ал џезира

Полицијата на Хонгконг денес ги проби барикадите на опколениот универзитетски кампус за да ги уапси оние што се наоѓаа внатре во објектот, откако во текот на ноќта се случија хаотични сцени, а веќе рано наутро безбедносните сили веќе направија обид за упад.

Насилството се случи откако демонстрантите на Политехничкиот универзитетски кампус беа протерани во напад со солзавец од страна на полицијата која претходно ги блокираше сите излези во областа. Единицата за брзи интервенции постави барикади околу кампусот откако се обиде да упадне во просториите рано наутро. Мал број демонстранти успеаја тогаш да избегаат, но беа присилени повторно да се вратат во кампусот поради нападот со солзавец. Според „Ројтерс“, стотици останале заглавени внатре во објектот. Сара Кларк, дописничката на „Ал џезира“ од местото на настанот пренесе дека „откако полицијата уапсила голем број на лица, било необично тивко“.
Претходно, еден полицаец, кој бил назначен за контакт со медиуми, се здобил со повреда на ногата од стрела и потоа бил пренесен во болница. На фотографиите што биле објавени на страницата на полициската единица на Фејсбук се забележува дека стрелата го погодила во долниот екстремитет.

Во денешната изјава, полицијата го предупреди народот да престане да користи смртоносни оружја за напад врз полицајците и да спречи секакви други видови на насилство, затоа што полицајците ќе бидат принудени да употребат сила и вистински куршуми доколку е потребно. Понатаму во неа се вели дека „демонстрантите продолжиле да фрлаат тврди предмети и молотови коктели со помош на големи катапулти врз полицајците. Нивниот дострел можел да достигне и до 40 метри. Полицијата предупредила дека насилствата на Политехничкиот универзитет во Хонгконг ескалирале во немири“.

На Твитер, главниот и одговорен уредник на државниот весник „Глобал тајмс“, Ху Сиџин, сподели видео-снимка на која се забележува запалено оклопно полициско возило кое било цел на напад со молотови коктели и порача дека на полицијата треба да ѝ се дозволи да користи вистински куршуми во вакви напади.

Од државната болница беше соопштено дека биле примени 38 повредени лица додека сведок за „Ројтерс“ изјави дека некои демонстранти се здобиле со изгореници од хемикалии што се користеле во водените топови, што полицијата ги употребила за растерување. САД ја осудија ваквата „неправедна употреба на сила“ во Хонгконг и побараа од Пекинг да ги заштити слободите на Хонгконг.

САД апелираа „сите страни да се воздржат од насилство и да се вклучат во конструктивен дијалог“ како што за „Ројтерс“ изјави еден американски владин претставник. Понатаму во неговата изјава се вели дека „како што порачал претседателот, САД очекуваат Пекинг да ги исполни обврските во согласност со Заедничката кинеско-британска декларација и да ги заштити слободите, правниот систем и демократскиот начин на живот во Хонгконг“.

Нарушување на секојдневието

Во другите делови од градот, демонстранти облечени во црна облека се движеа по улиците и во познатата туристичка населба Ковлун, а некои од нив беа вооружени со молотови коктели. Други ги откопуваат плочниците, а тулите ги користеа за блокирање на улиците и скандираа: „Ослободете го Хонгконг, ова е револуција на нашето време“.

Во центарот каде што се наоѓаат корпоративните претставништва и дизајнерските продавници, на улиците излегоа да протестираат дури и канцелариските работници. Протестите започнаа на почетокот од јули со масовни маршови кои се должеа на предложениот закон за екстрадиција со кој се овозможува лица да бидат испратени на суд во копнена Кина.

Иако предложениот закон сега е повлечен, гневот на јавноста беше поттикнат од одбивањето на властите да одговорат на барањата на демонстрантите за независна истрага за наводната полициска бруталност, амнестија за оние што добиле прекршочна пријава како резултат на протестите, повлекување на полициските тврдења дека демонстрантите се виновни за бунтот и да им се даде право на граѓаните на Хонгконг сами да го изберат законодавното тело и административниот секретар.
Бранот на насилства во изминатите неколку недели сериозно го наруши секојдневниот живот во Хонгконг со тоа што беше затворен тунелот „Крос-харбор“ кој се наоѓа веднаш до Политехничкиот универзитет, а беа прекинати и железничките линии. Училиштата исто така беа затворени.

Иако ова предизвикува нервоза и незадоволство кај обичните граѓани, сепак многумина ги поддржуваат демонстрантите, како што вели Стив Цанг, директорот на кинескиот институт СОАС во Лондон. За „Ал џезира “ тој изјави дека „повеќето луѓе се надеваат дека наскоро сè ќе заврши, но од друга страна тие сметаат дека барањата на демонстрантите се оправдани, па затоа и имаат поддршка. Демонстрантите ќе пружат дополнителен отпор, но властите во Хонгконг и владата во Пекинг нема да се потрудат да постигнат политички компромис, па така ќе следи понатамошна ескалација на настаните“.

Кинеската војска

Кинеските војници стационирани во базата во близина на универзитетот беа забележани вчера како со двогледи го следат развојот на настаните и притоа беа подготвени за можна интервенција. Еден ден претходно тие добија наредба да ја напуштат касарната и да го расчистат хаосот од нередите.

Присуството на припадниците на Кинеската народноослободителна армија на улиците, дури и за расчистување на хаосот, ризикува да предизвика контроверзи околу статусот на Хонгконг како независна територија. Лани кинеската војска излезе на улиците во Хонгконг за првпат по 1997 година, за да го расчисти хаосот кој тајфунот го остави зад себе.

Родрик Вај, соработник во програмата за Азија-Пацифик во невладината „Чатам Хаус“, изјави дека лидерството во Хонгконг не успеало да одговори на „сериозните стравови“ на младите кои живеат на територија врз која Пекинг сè посилно ја наметнува својата контрола. За „Ал џезира“ тој порача дека „владата во Хонгконг одамна одлучила овој проблем да го третира како дел од владеењето на правото и не сакаше да преговара, дискутира или барем да ги слушне на секаков сериозен начин барањата на демонстрантите. На крајот мора да се постигне некакво политичко решение“.
Високиот суд денес донесе одлука дека е неуставна владината забрана за носење маски за лица, воведена со закон уште во ерата на колонијализмот.

Борба за Хонгконг

Во дворот на универзитетот, граѓанскиот инженер Јорис (23) изјави дека бил подготвен да оди в затвор за неговата борба против владата и наведе дека напаѓачите со стрели само се штителе, а биле изработени и импровизирани катапулти.
Тој за „Ројтерс“ изјави дека „демонстрантите реагирале на полициските мерки и не пружиле доволно отпор како што посакувале. Тој бил подготвен дури и да оди в затвор, затоа што се бореле за Хонгконг“.

Вооружено полициско возило кое беше запалено од молотови коктели во насилствата во неделата, утрово беше отстрането, а претседателот на универзитетот, Тенг Џин-Гуанг, изјави во видео-снимка објавена на Интернет дека склучил примирје со полицијата за да им овозможи на демонстрантите мирно да го напуштат објектот.
Многумина од оние што се наоѓаа во кампусот на универзитетот во близина на пристаништето, порачаа дека никогаш нема да се предадат.

– Заробени сме во објектот и токму затоа мораме да се бориме до самиот крај. Ако не се бориме, тоа ќе биде крајот за Хонгконг – порача деветнаесетгодишниот демонстрант Ах Лунг.

Превод: Билјана Здравковска