Аеродромот „Шипол“ во Амстердам привремено затворен поради немање струја

475

Аеродромот „Шипол“ во Амстердам утринава беше привремено затворен поради снемување електрична енергија, што ги попречи сите активности на еден од најпрометните аеродроми во Европа.

– Властите наложија затворање на патиштата до „Шипол“, а прекинат е и железничкиот сообраќај поради „безбедноста на патниците“ – се наведува во соопштението од аеродромот.

Аеродромската зграда е преполна со патници, кои чекаат да се отворат терминалите.

Патиштата кон аеродромот се отворени по еден и пол час, откако дошла струјата. 

– Во текот на целиот ден ќе има промени во авиосообраќајот – рече портпаролот на аеродромот.

По лондонскиот „Хитроу“ и парискиот „Шарл де Гол“, амстердамскиот „Шипол“ е на трето место во Европа по бројот на патници.