Адвокатите на Ел Чапо ги насочија надежите кон „нарко-светецот“

126
Скица од Ел Чапо и неговиот правен тим

Тимот од скапо платени адвокати на Хоакин Гузман – Ел Чапо побара помош од т.н. „нарко-светец“ Хезус Малверде, со цел за ослободување на нивниот клиент, озлогласениот водач на мексиканскиот наркокартел Синалоа, пренесува „Њујорк пост“.

Статуетка со големина од 15 сантиметри, од светецот кој во Мексико е познат како „ангел на сиромашните“ и „дарежливиот бандит“, е поставена во просториите на одбраната, во федералниот суд во Њујорк.

На фигурата е претставен ликот на Малверде, кој седи на виолетов престол, држејќи пари во рацете, со вреќа полна со пари на неговиот скут. Вредноста на амајлијата изнесува 27,96 долари.

Ликот на Хезус Малверде е почитуван од наркокартелите

Адвокатот на Ел Чапо, Едуардо Баларезо, им кажа на медиумите дека статуетката „чудесно се појавила“ во судот, кога поранешниот соработник на Гузман, Хезус Замбада, сведочеше против наркобосот.

Според мексиканските народни верувања, Малверде ги ограбувал богатите за да им даде на сиромашните. „Нарко-светецот“ е почитуван од страна на трговците со дрога, кои му се молат за заштита. Ликот на Малверде беше споменат и во прашалникот од 35 страници на кој одговараа потенцијалните поротници во просрет на судењето. Тие беа запрашани „дали се запознаени со ликот на Хезус Малверде“.

Гузман се соочува со обвинение од 17 точки, кои вклучуваат трговија со дрога, заговор за убиство и нелегално поседување на оружје.