Адвокатите на Асанж тврдат дека Трамп понудил помилување

41
Основачот на Викиликс се бори да не биде екстрадиран во САД

Американскиот претседател Доналд Трамп му ветил на основачот на Викиликс Џулијан Асанж дека ќе го помилува ако каже дека Русија не била вмешана во објавувањето на електронската пошта на членовите на Демократскиот национален комитет, тврдат адвокатите на основачот на Викиликс.

Тие велат дека американскиот конгресмен Дејна Рохрабахер за време на посетата на Лондон во август 2017 година му рекол на основачот на Викиликс дека добил инструкции од претседателот на САД да му понуди помилување на Асанж ако тој рече дека Русија нема ништо со објавувањето на мејловите.
Таквото тврдење веднаш го негира Рохрабахер, кој изјави дека сам го дал предлогот и дека Белата куќа не стоела зад него.

– Во ниту еден момент не сум разговарал со претседателот Трамп за Асанж. Исто така, не сум бил инструиран од Трамп или од кој било друг поврзан со него да се сретнам со Асанж. Во ниту еден момент не му понудив ништо на Асанж од претседателот, бидејќи не зборував со претседателот за ова прашање. Но му реков дека ако може да ми даде докази за тој што му ги дал мејловите на демократите, тогаш ќе го повикам претседателот Трамп да го помилува – нагласи бившиот конгресмен на својот блог.
Од Белата куќа исто така реагираа дека Трамп едвај го познавал бившиот конгресмен и дека никогаш не зборувал со него речиси за ниту една тема.

Трамп сепак го поканил Рохрабахер во Белата куќа откако тој го бранел на Фокс ТВ. Во септември 2017 година, Белата куќа потврди дека конгресменот контактирал за можен договор со Асанж, но дека пораката не му била пренесена на Трамп. Оваа верзија за настаните ја тврди и Рохрабахер, посочува „Гардијан“.
Асанж, кој лани беше уапсен во Лондон по барање на Вашингтон, кој од 2010 година го обвинува за шпионажа, се бори да не биде екстрадиран во САД.