Адвокатите бараат Трамп веднаш да биде ослободен

138

Во Сенатот на американскиот Конгрес почнува судскиот процес за импичмент на претседателот Доналд Трамп.

Минатата недела Претставничкиот дом ги испрати до Сенатот документите за импичмент на претседателот кој се обвинува за злоупотреба на функцијата и за опструкција на истрагата во врска со негов притисок врз Украина да покрене истрага против можниот ривал на претседателските избори Џо Бајден.

Демократскиот конгресмен Адам Шиф кој е еден од седумте менаџери за импичмент кои ќе го водат случајот против претседателот изјави дека ниту еден претседател досега не се обидел да ја спречи истрагата за импичмент толку темелно. Судскиот процес, според очекувањата треба да трае неколку недели.

Адвокатскиот тим на Доналд Трамп го повика американскиот Сенат, кој го започна процесот на отповикување на претседателот на САД, веднаш да го ослободи. Процесот е „опасна перверзија на Уставот“, напишаа адвокатите на Трамп во меморандумот од 110 страници.

– Сенатот треба да го отфрли обвинението и веднаш да го ослободи претседателот – напишаа тие.

Во саботата, правниот тим на Трамп остро ги отфрли обвинувањата на Претставничкиот дом за неговиот импичмент и официјално изјави во документот со шест страници за две точки на импичмент – злоупотреба на службената должност и опструирање на Конгресот.

Претседателот Трамп е обвинет дека извршил притисок врз Украина да ја присили да го испита неговиот политички ривал, поранешниот потпретседател Џо Бајден и за мешање во Конгресот што го испитува случајот.Трамп негираше какво било злосторство и ги обвини демократите дека сакаат да ја оспорат неговата победа на претседателските избори во 2016 година.