Австралија ќе отпушти најмалку 10 војници за убиството на авганистански цивили

62

Австралиските воени власти започнаа постапка за отпуштање на најмалку 10 припадници на елитните одреди на специјалните единици вклучени во убиството на 39 авганистански цивили, пренесува „Ројтерс“.

Како што наведуваат локалните медиуми, припадниците на специјалните сили кои учествувале во воените злосторства во Авганистан како сведоци или како директни учесници во злосторствата, примиле известување за откажување на договорот во Министерството за одбрана.

–  Министерството за одбрана може да потврди дека започнало правна постапка против одреден број припадници на австралиските одбранбени сили во согласност со законот и нашата одбранбена политика – се наведува во соопштението.

Минатата недела австралиските власти ги објавија деталите за истрагата за најмалку 39 инциденти и убиства од страна на 19 поранеши и актуелни припадници на нивните специјални единици во Авганистан, чиј идентитет не е обелоденет.

Извештајот за Бретон, нарачан од генералниот инспектор на австралиските одбранбени сили, откри веродостојни информации дека австралиските војници убиле цивили и затвореници во Авганистан.

Во извештајот се вели дека 25 члена на сегашниот или поранешниот персонал биле вклучени во сериозни кривични дела или извршувале прекршоци или биле вмешани во инцидентите.

Минатата недела, шефот на австралиските одбранбени сили, генерал Ангус Кембел, побара прошка од Авганистанците, при што ги сподели застрашувачките детали од истрагата.

– На народот во Авганистан, во име на австралиските одбранбени сили, искрено и безрезервно им се извинувам за какво било злосторство од страна на австралиските војници. Разговарав директно со мојот авганистански колега, генерал Јасин Зија, за да му ја пренесам оваа порака – рече тој.