Австралија размислува да ја премести Амбасадата од Тел Авив во Ерусалим

112

Австралискиот премер Скот Морисон порача дека ја разгледува идејата за преместување на Амбасадата во Израел од Тел Авив во Ерусалим. Морисон додаде дека Австралија, сепак, останува посветена на решението за две држави – Израел и Палестина. Премиерот тврди дека идејата ја предложил бившиот австралиски амбасадор во Израел, Дејв Шарма, кој е кандидат на Либералната партија на изборите во делот на Сиднеј, во кој живеат голем број Евреи.

Во меѓувреме, амбасадори на 13 арапски држави одржуваат средба во австралиската престолнина Канбера, загрижени дека одлуката на Австралија да го разгледа признавањето на Ерусалим како главен град на Израел би можела да ѝ нанесе штета на мировната перспектива во регионот,

– Постигнавме согласност да испратиме писмо до министерот за надворешни работи, во кое изразуваме загриженост и неспокој во врска со оваа изјава. Таквата одлука би му наштетила на мировниот процес и би имало негативни последици за односите на Австралија не само со арапските туку и со многу други муслимански земји – изјави египетскиот амбасадор во Австралија, Мохамед Каират.

Индонезија, најмногубројната муслиманска земја, исто така, ја предупреди вчера Австралија дека преместувањето на австралиската амбасада во Израел во Ерусалим би му нанело штета на мировниот процес меѓу еврејската држава и Палестинците.

Индонезиската министерка за надворешни работи Ретно Марсуди изјави дека изразила несогласување пред австралиската страна поради таквата идеја.

– Индонезија ги повикува Австралија и другите земји во светот да продолжат да го поддржуваат мировниот процес и да не вршат какви било дејства што можат да ги поткопаат процесот и светската безбедност – истакна Марсуди по средбата со палестинскиот министер за надворешни работи Ријад ал Малики, кој е во посета на Индонезија.