Авионската несреќа ќе ги принуди Иран и САД да соработуваат заедно

142

Иранското цивилно воздухопловство упати барање до американската агенција за безбедност во сообраќајот НТСБ, да се вклучи во истрагата за падот на украинскиот авион во Иран.

– НТСБ продолжува да ја следи ситуацијата околу падот на авионот, како и степенот на учеството во истрагата. Како и во секоја истрага во која е вмешан НТСБ, агенцијата нема да претпоставува и погодува за причините на падот – се наведува во соопштениео и се додава дека истрагата ја водат иранските власти.

Снимките на шпионски сателит укажуваат на тоа дека украинскиот авион, кој се урна набрзо по полетувањето во Иран, го соборила иранска ракета, убивајќи ги сите 176 луѓе во него, објавија американските медиуми.


Украински експерти ги истражуваат деловите од урнатиот авион 

Иранските власти им дозволија на украинските истражители да пристапат до деловите од урнатиот украински авион, кој се урна кај Техеран.

Од канцеларијата на украинскиот претседател е соопштено дека деловите од авионот ќе бидат испитани во текот на денот. Во соопштението се наведува дека истрагата е уште на почетна фаза и дека до сега уште е рано за обелоденување на детаљите.

Исто така се додава дека од членовите на семејствата на Украинците кои загинаа во авионската несреќа се зема ДНК примероци за да се идентификуваат телата на жртвите, пренесе АП.

Во несреќата на украинскиот авион загинаа 176 патници и членови на екипажот. Меѓу патниците кои загинаа беа 82 државјани на Иран, 63 на Канада, како и државјани на Украина, Шведска, Авганистан, Германија и Британија.


„Њујорк тајмс“ тврди дека има снимка на која се забележува оти Иран го соборува авионот

„Њујорк тајмс“ објави снимка на која, како што се наведува, се гледа иранска ракета која го соборува украинскиот авион со 176 патници и членови на екипажот.

Видеото, чија автентичност ја потврдува „Њујорк тајмс“, наводно покажува како иранската ракета го погодува авионот над Паранда. Во прашање е локација во близина на аеродромот во Техеран, од каде престанал да се емитува сигналот на украинскиот авион пред да падне.

 

Кога ракетата го соборила авионот дошло до мала експлозија, но авионот не експлодирал, туку летал неколку минути и почнал да се враќа кон аеродромот, пишува „Њујорк тајмс“.

Запалениот авион, кој до тогаш престанал да испраќа свои сигнали, летал кон аеродромот пред да експлодира и набрзо се урнал, покажува видеото на „Тајмс“.

Визуелните и звучни траги на снимката се спротивни на информациите за летот и сателитските снимки од подрачјата во близина каде падна авионот.

Канадскиот премиер Џастин Трудо синоќа рече дека од повеќе различни разузнавачки извори добил информации дека авионот го собориле Иранците. Овие тврдења Техеран ги негираше, а иранското министерство за надворешни работи ја повика Канада да ги сподели информации кои ги поседува.