Абас ќе треба да докаже дека неговата закана овој пат е сериозна

120

Палестинскиот претседател Махмуд Абас најави прекин на безбедносната соработка со Израел и со САД, наведувајќи ја како причина непосредната закана од израелска анексија на делови од Западниот Брег, објавуваат светските медиуми. За промена, познавачите на состојбите инсистираат дека Абас не упатил празна закана, според „Њујорк тајмс“.

– Палестинската ослободителна организација и Палестина, од денеска се ослободени од сите договори и меѓусебно разбирање со американската и со израелската влада, како и од сите обврски базирани врз договорите, вклучувајќи ги безбедносните – кажа Абас во говор во Рамалах, по состанок со Палестинската Самоуправа, ПЛО и со Фатах.

ПЛО гласаше за прекин на соработката со Израел и со САД во 2018 година и му препушти на Абас кога да го имплементира таквиот потег. Претседателот на Палестинската Самоуправа и претходно се закануваше со прекин на соработката во повеќе наврати, па нејасно е што ќе значи неговата најнова објава во пракса, особено во поглед на иднината на палестинскиот безбедносен апарат.

– Стандардите за докажување дека заканата е кредибилна, дека не е иста како празните закани кои претходно ги упатуваа на сличен начин и никогаш не ги исполнија, се многу високи. Всушност ќе треба да видиме палестинска акција – вели Даниел Леви, претседателот на институтот „Проектот САД-Блиски Исток“.

Одредени израелски медиуми тврдат дека на палестинските официјални лица им било наредено да прекинат со комуникација со нивните израелски колеги, но палестинските власти мораат да се координираат со Израел за да се движат во подрачјето на Западниот Брег.

Објавата на Абас уследи по формирањето на новата израелска влада која официјално ја разгледува можноста за анектирање на одредени области од Западниот Брег, наводно, со поддршка од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп. Евентуалната одлука може да доведе и до прекин на размената на податоци меѓу палестинските, израелските и американските безбедносни служби, но не е познато како ќе дејствуваат палестинските сили доколку се оствари.