Владислав Артемиев

На Европското првенство во забрзан и во брз шах во Скопје (од денеска до недела), пријавени се 410 шахисти од 37 држави, а во двете конкуренции прворангиран е Русинот Артемиев

Со церемонијата на свеченото отворање вечерва (20 ч.), во хотелот „Александар палас“, во Скопје официјално ќе почне 31-то Европско поединечно првенство (ЕП) во забрзан и во брз шах, на кое досега се пријавени 410 шахисти од 37 држави. По традиционалниот турнир „Опен Карпош“ и Светското првенство во решавање и компонирање шаховски проблеми во Охрид, ова е трет голем шаховски настан во Македонија годинава.

– Сѐ е подготвено за големиот шаховски настан, а на отворањето ќе присуствува и претседателот на Европската шаховска унија, Зураб Азмајпарашвили. Во салата ќе бидат поставени четири камери, а партиите ќе бидат директно пренесувани од повеќе познати шаховски линкови. Покрај двата турнира, ќе бидат организирани и натпреварување во т.н. Фишеров шах, утре, како и турнир во решавање шаховски проблеми в сабота, а хрватскиот ВМ Даворин Куљашевиќ ќе одржи шаховско предавање в сабота – ни изјави ФМ Зоран Стојчевски, директор на турнирите.

Утре и задутре ќе се одржи ЕП во брз шах во 22 кола (темпо на размислување од двапати по три минути, плус две секунди по секој потег), за награден фонд од 12.050 евра (победникот ќе добие 2.000). В сабота и в недела ќе се игра забрзан шах во 13 кола (двапати по 15 минути, плус 10 секунди), за награден фонд од 21.950 евра (за шампионот 4.000 евра).

Во забрзан шах се пријавени 410 шахисти (64 ВМ, 39 3 ЖВМ, 52 ИМ, 10 ЖИМ, 30 ФМ, 3 ЖФМ) од 38 држави (најмногу од Македонија, 93, потоа се Србија 45, Русија 34…). Во брз шах се пријавени 332 шахисти (60 ВМ, 3 ЖВМ, 35 ИМ, 10 ЖИМ…) од 37 држави (Македонија 59, Србија 37, Русија 32…).

И во двете конкуренции прворангиран е рускиот велемајстор (ВМ) Владислав Артемиев (2.812, односно 2.825 рејтинг-поени). Од Македонците, најдобро рангиран е ВМ Кирил Георгиев, кој во забрзан шах е седми (2.656), а 22-ри во брз шах (2.593). Актуелните европски прваци од ЕП 2017 во Полска, Максим Вавурин од Русија (забрзан шах) и Сергеј Жигалко од Белорусија (брз шах), до вчера не беа пријавени за настапот во Скопје.