Светскиот шампион Магнус Карлсен заврши на шестото место, со 17 бода (шести во забрзан и петти во брз шах), со што е прекината неговата низа од осум турнирски победи годинава

Ерменскиот велемајстор (ВМ) Левон Аронијан е севкупен победник на турнирот во забрзан шах (2х25 минути плус 10 секунди за секој одигран потег – 9 кола) и брз шах (2х5 мин., плус три сек., за секој потег – 18 кола), во Сент Луис (САД), во рамките на серијата гранд-турнири за 2019 година, со вкупно 22 бода. Второто место го делат Кинезите Јангуи Ју, Лирен Динг (го поделија првото место заедно со Сергеј Карјакин во брз шах) и Французинот Максим Вашер Леграв, сите со по 21,5 поен. Аронијан (кој во забрзан шах беше прв, а четврти во брз) победи на истиот турнир и пред две години, кога учествуваше и поранешниот светски првак, Русинот Гари Каспаров, со 24,5 поени. За овој триумф Аронијан заработи 37.000 долари и моментно е трет во генералниот пласман зад Магнус Карлсен и Вашер-Леграв.

Светскиот шампион Карлсен севкупно заврши на шестото место, со 17 бода (шести во забрзан и петти во брз), играше под своите можности, со што е прекината неговата низа од осум турнирски победи годинава (Вајк ан Зе, Гренке, Шамкир, Абиџан, Линдорес, Ставангер и во Загреб и на СП во брз шах во Санкт Петербург), додека во класичен шах 79 партии во низа не знае за пораз (од 31 јули 2018 година).

До крајот треба да се одиграат уште четири турнири од оваа серија, а потоа најдобрите четворица шахисти ќе изборат право за настап на финалниот турнир во Лондон кон крајот на годинава. Следен е турнирот во класичен шах „Синкфилд куп“, кој започнува в сабота, исто така во Сент Луис. 


Конечна Табела – Сент Луис
ШАХИСТ ЗАБРЗАН БРЗ ПОЕНИ
1. Аронијан 13 9 22
2. Ју 10 11,5 21,5
3. Динг 10 11,5 21,5
4. Леграв 13 8,5 21,5
5. Карјакин 8 11,5 19,5
6. Карлсен 8 9 17
7. Рапорт 8 8,5 16,5
8. Каруана 8 7 15
9. Домингез 7 6,5 13,5
10. Мамеѓаров 5 7 12

Генерален пласман
ШАХИСТ ПОЕНИ ДОЛАРИ
1. Карлсен 38 137.000
2. Максим-Леграв 33,3 90.000
3. Аронијан 24 72.000
4. Со 22 75.000
5. Динг 21,3 49.000
6. Каруана 19 52.000
7. Непомнијашчи 18 42.000
8. Карјакин 14,5 33.000
9. Накамура 14 40.000
10. Ананд 13 35.000
11. Гири 8 24.000
12. Мамеѓаров 7 25.000