Фото: Емил Јовановиќ

Македонскиот повеќекратен првак Алкaлоид (прворангиран тука) ја оствари и четвртата победа во 5-то коло на 36. Европски клупски куп (ЕКК) во шах, што во седум натпреварувачки кола се игра во х. „Изграв“ во Струга, совладувајќи го со убедливи 5,5-0,5 норвешки Оферспил, во чии редови игра светскиот првак Магнус Карлсен (прворангиран во светот со 2,855 поени). Единствено Карлсен на првата табла ремизираше со силниот азербејџански велемајстор (ВМ) Шахријар Мамеѓаров (2.762, рангиран 11-ти во светот) во 69-от потег, кога на таблата останаа само со кралевите.

Два нови бода во низа освои и Гостивар (31), кој со 4,5-1,5 го победи норвешки Баерум (33). Останатите два македонски претставника во машка конкуренција загубија. Гамбит Асеко СЕЕ (16) од дански Хтракон со 1-5, а минимално со 2,5-3,5 загуби Прилеп (17) од српски Словен Рума (10). Дербито на првата табла помеѓу водечките, чешки Нови Бор (3) и руски Медни Всадник (2) заврши без победник 3-3, додека шпанска Валенсија (5) со 4-2 забележа значајна победа за врвот против израелски Бер Шева (7)

На две кола до крајот во водство се Медни Всадник, Нови Бор и Валеннсија со по 9 бода, Алкалоид е четврти со 8 бода, Прилеп 11-ти, Гамбит Асеко СЕЕ 15-ти и двете екипи со по 6 бода, додека Гостивар е 26-ти со 4 екипни бода.

Кај шахистките, кои играат во х. „Дрим“ во Струга, сите четири македонските екипи доживеаја порази. Алкалоид (рангиран 4-ти), со 1,5-2,5 од украински ГРЕКО (2), МШК Центар (5) со 1-3 од Монте Карло (1), а Куманово (8) со 0,5-3,5 од руски Јужен Урал (3). Австриски Баден (6) со 2,5-1,5 го совлада словенечки Тајфун (7). На табелата по 5-то коло води Јужен Урал со максимални 10 бода, пред ГРЕКО со 9, Монте Карло има 7, Баден 6, Алкалоид и Куманово по 3, Тајфун 2, а МШК Центар е последен без освоен екипен бод.

На ЕКК во Струга, во машка конкуренција играат 38 клуба, со 277 шахисти, од нив 85 велемајстори (ВМ), а во женска конкуренција осум клуба со 40 шахистки (седум ВМ). Ова е третпат како се одржува ЕКК во Македонија, по Охрид во 2009 и Скопје во 2015 година. Новите клупски шампиони ќе бидат познати по седмото коло.

Г.И.