Води Аргентинецот Лука Вилдоза, со 3.542.789 долари

На второто место е кошаркарот на Олимпијакос, Французинот Жан Ливио Чарлс, со 2.431.080 долари, а на третото сегашниот капитен на Партизан, Раде Загорац, со 2.328.242 долари

НАЈПЛАТЕНИ НБА-КОШАРКАРИ ШТО НИКОГАШ НЕ ЗАИГРАЛЕ ВО ЛИГАТА

Во американските медиуми се појави листа на најплатени НБА-играчи што потпишале договори со одредени клубови, но кои од разни причини, всушност, никогаш не стапнале на теренот. На листата предничат две мошне познати имиња на европската кошаркарска јавност, а моментно прв е аргентинскиот репрезентативец и поранешен играч на Басконија, Лука Вилдоза. Одличниот плејмејкер во мај минатата година потпиша тригодишен договор со Њујорк, вреден 9.975.000 американски долари. Но поради повреда не доби вистинска можност да настапи на паркетот, па беше отпишан на почетокот на октомври. Досега тој има инкасирано вкупно 3.542.789 долари, а неодамна потпиша соработка со НБА-клубот Милвоки, која загарантирано ќе му донесе уште 42.789 долари, а до летото дури 1.795.427, кога и ќе стане слободен агент.
На второто место на оваа листа е кошаркарот на Олимпијакос, Жан Ливио Чарлс. Французинот беше избран од Сан Антонио во 2013 година како 28-от пик на драфтот, а дури во 2016 година отиде во НБА-лигата. Доби договор од клубот, но не успеа да се избори за место и заврши во Развојната лига. Досега заработил 2.431.080 долари.
На третата позиција, со заработени 2.328.242 долари, е Србинот Раде Загорац, НБА-играч, кој никогаш не стапна на паркетот на официјален меч.

Тој летото 2017 година го мина во Мемфис, откако претходно беше во Бостон, но не доби шанса во најсилната лига во светот. Но иако не заигра, тој имаше потпишан договор, па Мемфис беше должен да му ги исплати договорените пари за потпишаната двегодишна соработка. Првата година му донесе 950.000, а втората 1.378.242 долари. Откако се врати во Европа, сезоната 2017/2018 ја одигра во Шпанија, а од пред четири години е капитен во белградски Партизан.
Интересно е што на 10-та позиција е поранешниот руски репрезентативец Микита Моргунов (672.500 долари), кој ја дели истата позиција со поранешниот хрватски кошаркар Мате Скелин. На 13-то место е и Терико Вајт, некогашен играч и на крагуевски Раднички, а заработил 473.604 долари. На 15-то место на оваа листа е кошаркарот што остави длабока трага во европската кошарка носејќи го дресот на Барселона, Пит Микел, со заработка од 454.343 долари.