Олимписките кругови се вратија во заливот на Токио

Петте олимписки круга повторно беа инсталирани во заливот на Токио, откако претходно беа тргнати во август, во рамките на одложените подготовки за одложените Летни олимписки игри за идната година.
– Враќањето на споменикот висок 15,3 и широк 32,6 метри, кој првично беше инсталиран во јануари, треба да испрати сигнал дека Игрите се наближуваат. Бидејќи симболот е тука, сакаме жителите на Токио и сите други да почувствуваат дека дефинитивно следната година ќе ги имаме Игри во Токио – изјави за „Ројтерс“ директорот за планирање на градската влада во Токио, Ацуши Јанашимизу.
Летните олимписки игри во март беа одложени за идната година, поради пандемијата на ковид-19. Л.Д.


Со го победи Карлсен во првото финале на новата шаховска интернет-турнеја

Американскиот велемајстор Весли Со го победи во финалниот дуел, по дополнителниот т.н. тајбрејк, светскиот првак, Норвежанецот Магнус Карлсен, и ја освои наградата од 30.000 долари на интернет-турнирот „Опен Скилинг“. Турнирот е првиот настан на новата шаховска интернет-турнеја (вреден 100.000 долари), која ќе се состои од 10 турнири, шест регуларни, три големи и финале во ноември 2021 година, вреден 1,5 милион долари.
Настапија 16 елитни шахисти, а во финалето и во првиот и во вториот ден беше нерешено 2-2, па одлучија дополнителните партии, кои ги доби Со со 1,5-0,5 поени. Карлсен во четврт-финалето и полуфиналето ги победи Аниш Гири и Јан Непомнијашчи, а Со ги совлада Тимур Раџабов и Хакиру Накамура. Се играше со темпо 15 минути, плус 10 секунди во два дена од по четири партии, а евентуалниот тајбрејк со темпо од пет минути плус три секунди по играч. Следниот турнир е првиот „голем“, вреден 200.000 долари, кој треба да почне на 26 декември. Г.И.


Внукот на двојниот шампион Фитипалди ќе дебитира во Формула 1

Внукот на двократниот светски шампион во Формула 1 (1972 и 1974 година) Емерсон Фитипалди, Пјетро Фитипалди (24), викендов треба да го има своето деби во Формула 1, со тимот Хас, на трката во Бахреин, како замена за повредениот Ромен Грожан.
– Одлучивме дека e најдобро Ромен да прескокне барем една трка. Пјетро веќе две години е дел од нашиот тим како тест или резервен возач и ова ќе биде одлична можност за него. Тој беше трпелив и секогаш беше подготвен за оваа можност. Затоа сакаме тој да биде замената и сигурни сме дека ќе заврши добра работа – изјави директорот на тимот на Хас, Гинтер Штајнер.
Трката е претпоследната во Формула 1 сезонава, која треба да заврши во Абу Даби еден викенд подоцна. Та.Д.


Ѓоковиќ и Надал трета година во низа се на првите две позиции на АТП-листата

Србинот Новак Ѓоковиќ и Шпанецот Рафаел Надал ќе ја завршат 2020 година како врвни два тенисера на светската ранг-листа на АТП, трета година во низа, а вкупно петти пат откако се објавува рангирањето на крајот на годината. Ѓоковиќ го израмни рекордот на Пит Сампрас и шести пат е број 1 на крајот на годината. Тоа е деветти пат во претходните 10 сезони Ѓоковиќ да биде меѓу првите два тенисера на АТП-листата.
За Надал ова ќе биде седми пат да ја заврши сезоната како светски рекет број 2, а пет пати бил прв. Швајцарецот Федерер не се натпреваруваше по полуфиналето на Австралија опен годинава поради повреда, па тој годината ќе ја заврши како број 5 на АТП-листата. Федерер шест пати бил втор на крајот на годината и пет пати прв.
Ѓоковиќ, Федерер и Надал се дел од првите двајца во рангирањето на АТП на крајот на годината во 14 од претходните 16 сезони. Тенисерот што ја прекина низата на големата тројка беше Британецот Енди Мареј, кој 2016 година ја заврши како број 1, а во 2015 година беше број 2. Та.Д.