Ставре Јада

Ставре Јада е најблиску до А-норма за ЗОИ 2022 и верувам дека ќе успее да ја завери, а покрај него Б-норма можат да остварат Дарко Крстески, Андонаки Костоски и Михаела Даноска, вели селекторот и тренер на македонската репрезентација во нордиско скијање, Ѓоко Динески

Спортската сезона 2019/2020 ја наруши пандемијата на коронавирусот, која предизвика преран крај, одолжувања и одложувања на голем број врвни натпреварувања. Меѓу нив први на удар беа натпреварите во алпско и во нордиско скијање, кои не го дочекаа крајот, односно беа откажани финалните трки. Но и покрај тоа, македонските нордијци и биатлонци ја комплетираа сезоната и речиси во целост го реализираа планираното.
– Сѐ течеше добро до ескалацијата на коронавирусот, што доведе до откажување на неколку трки. Но, генерално, задоволен сум од постигнатите резултати и сметам дека сезоната беше една од поуспешните за нас. Олимпиецот Ставре Јада одлично напредуваше, во нордиско заврши со 70 ФИС-поени, што е за 30 поени подобро од олимписката А-норма, и тоа е добар показател.

Во биатлон, исто така, постигна одлични резултати и оствари норми за настап на Светското првенство и на Светскиот куп. За издвојување се неговите резултатите на јуниорското Светско првенство во Ленцерхајде каде што беше на 48-то место, во индивидуалната трка на 15 км, и 39-ти на Купот ИБУ во Мартел, трка со масовен старт на 15 км. Радува фактот што минатата сезона и другите членови на македонската селекција напредуваа и имаа забележителни резултати. Станува збор за младите скијачи меѓу кои за издвојување се Дарко Крстески, Михаела Даноска, Андонаки Костоски, Дамјан Пејчиноски, Дејвид Величковски, Давид Торевски, Коста Петроски, Благојче Најденоски и Петар Чанговски – прави пресек на сезоната, селекторот и тренер на македонските нордијци, Ѓоко Динески.

Од 26 јануари 2021 до 26 јануари 2022 година ќе се исполнуваат норми за настап на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во 2022 година во Пекинг, Кина. Во скијањето колку помалку поени толку подобро.
– Нормата останува иста, 100 ФИС-поени за А-норма, но за Б-норма ќе има промени и таа ќе може да се оствари единствено на СП на Планица во 2021 година и со освоени 300 поени. Јада е најблиску до А-норма и верувам дека ќе успее да ја оствари, а покрај него очекувам Б-норма да остварат Крстески, Костоски и Даноска.

Меѓу поважните натпревари следната сезона ни се Светското првенство во нордиско скијање во Оберсдорф, Мундијалот и Европското првенство во биатлон, Балкан-куп натпреварите во нордиско и во биатлон и други – вели Динески. 


Јада: Во новата сезона потврда на нормата за ЗОИ 2022

Ова беше многу напорна сезона за мене. Имав 26 трки, 22 во биатлон и четири во нордиско трчање, поминав 6.600 км што е за 600 повеќе од претходната сезона. Задоволен сум и поради тоа што по шест години успеав да го вратам македонскиот биатлон во Светскиот куп. Минатото летото доста работев на стабилизација на стрелбата, но она што ми недостигаше беше брзината во стрелбата на која во наредниот период ќе мораме повеќе да поработиме со селекторот Ѓоко Динески, вели репрезентативецот Ставре Јада.
Од следната сезона се исполнуваат норми за настап на Зимските олимписки игри во 2022 година.
– Веќе имам 70 ФИС-поени, но ќе се обидам да ги намалам и да стигнам до 60, па и под 60 поени. Ме чека напорна сезона, многу натпревари на кои верувам дека ќе ја заверам визата за Пекинг и таму ќе имам позабележителен настап отколку во Пјонгчанг во 2018 година – рече Јада.