Под покровителство на општина Карпош, во спортската сала „Форца“ почна десеттиот Меморијален турнир во мал фудбал во чест на Тоше Проески. Покрај екипи од Македонија ќе учествуваат и тимови од Хрватска, Грција и Албанија со што за прв пат, од оваа година, турнирот што се игра во чест на нашата музичка легенда доби и меѓународен карактер. Сите натпревари ќе се играат викендов.

На отворањето на турнирот, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев говореше за значењето на оваа спортска манифестација.

– Тоше беше и се уште е нашата најголема музичка ѕвезда. Уметник кој беше пример за сите генерации. Личност која сите го сакаа, а неговата хуманост и солидарност секогаш беа во преден план. Нашата обврска денеска е да го негуваме неговото дело. Преку ваков вид на спортски настани да се потсетиме на вредностите кои Тоше ги споделуваше, на фер плејот, спортскиот дух, позитивната енергија – рече Богоев.

На отворањето присуствуваше и градоначалникот на Општина Нова Градишка, Винко Гргиќ, како и претставници од оваа хрватска општина каде што Тоше трагично го загуби својот живот.