Ги презедовме сите потребни мерки Австралија опен да се одвива според предвидениот план, вели директорот на турнирот Крег Тајли

Организаторите на гранслем-турнирот Австралија опен сѐ уште се на голем испит за неговото одржување (20 јануари-2 февруари), особено по откажувањето на Словенката Далила Јакуповиќ во квалификацискиот меч против Швајцарката Стефани Вогел, која се пожали на квалитетот на воздухот при водство од 1-0 во сетови. Иако веќе се познати ривалите во 1-то коло на турнирот, неизвесноста уште лебди. Директорот на турнирот Крег Тајли вели дека состојбата околу квалитетот на воздухот во меѓувреме е подобрена.

– Не очекуваме одложување на турнирот. Ги презедовме сите потребни мерки Австралија опен да се одвива според предвидениот план – охрабрува Тајли.

Сепак, објавени се некои од мерките што би биле преземени ако воздухот сепак биде презагаден. Тенискиот комплекс во Мелбурн има три стадиони со подвижни покриви и осум затворени терени. Ако дојде до загадување, покривите на стадионите ќе бидат затворени, а натпреварите ќе се играат во климатизирани услови. Ако, пак, се појави поголема концентрација на чад во воздухот, филтрите за климатизација ќе го спречат загадувањето – охрабруваат организаторите.

Сѐ уште не е доволно јасно дали осумте терени ги имаат потребните услови за одржување на мечевите. Организаторите, пак, објаснуваат дека одржувањето на турнирот не зависи од атмосферските услови – пишува „Еуроспорт“.

– Опременоста на тенискиот комплекс овозможува турнирот да се одвива без разлика на временските услови во Мелбурн. Проблемите со кои се соочуваме не се ни приближно толку големи во споредба со страдањето што ги затекна луѓето во цела Австралија. Цел тим организатори ќе бидат посветени на собирање парични средства за помош на загрозените семејства – појаснува директорот на Австралија опен, Тајли.