Турнирот со награден фонд од 100.000 долари почнува утре и ќе кулминира со викендот на шампионите од 11 до 13 декември

ШАХ – ПРЕСТИЖНО ПРВЕНСТВО ПРЕКУ ИНТЕРНЕТ

Светскиот шампион во класичен шах, Магнус Карлсен, ќе игра на главниот онлајн турнир за годинава во брз шах, со награден фонд од 100.000 долари. Најголем ривал на Карлсен на престижниот турнир ќе му биде актуелниот првак во брз шах и актуелен број еден на ранг-листата во брз шах на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), Хикару Накамура.
На Карлсен и на Накамура ќе им се придружат 14 највисоко рангирани шахисти, вклучувајќи ги, меѓу другите, и третиот и четвртиот во светот во брз шах, Максим Вашер-Лаграв и Весли Со, потоа претходниот предизвикувач на светскиот првак Карлсен во класичен шах, Фабијано Каруана, како и талентираниот 17-годишниот Алиреза Фирузја, кој го победи Карлсен во финалето на „Купот Бантер“ во брз шах годинава.

Турнирот почнува утре и ќе кулминира со викендот на шампионите во декември, со полуфиналето на програмата на 11 и на 12 и финалето закажано за 13 декември. Карлсен претходно го освои шампионатот во брзински шах во 2016 и во 2017 година, во финалето против Накамура, кој, пак, убедливо ги освои шампионатите во 2018 и во 2019 година, но Карлсен не играше тие години.