Произведени се тркачки велосипеди за рамни, ридски и етапи на хронометар, сѐ повеќе се употребуваат диск-сопирачки, а полека се пробиваат и тркалата без внатрешна гума

Иновациите во дизајнот и во материјалите врз научна основа при изработката на велосипедите се на исто ниво како во Формула 1 (Ф1), велат познавачите на оваа проблематика. Постојат три главни типа велосипеди што ги гледаме годинава на грантур-трката Тур де Франс, за рамни етапи, за ридски етапи и за трките на хронометар.

Велосипедот „аеро“ за рамните етапи е унапреден во средината на 80-тите години од минатиот век преку експериментирањето со профилот на цевките за рамот на велосипедот, заради подобрата аеродинамика, слично како и кај тркачките автомобили. Колку подобро велосипедот се лизга низ воздухот, толку е позначајна заштедата во енергија и во време. Велосипедите се изработени од карбонски влакна, опремени се со разна електроника, тежат нешто повеќе од оние за ридски етапи и најчесто се понеудобни од обичните, за секојдневна употреба.

Велосипеди за рамни патеки, за хронометар и за ридски патеки

За искачување на неверојатно стрмните планини, велосипедистите користат малку полесни и не толку аеродинамични модели велосипеди, кои, сепак, не смеат да бидат полесни од пропишаните минимални 6,8 килограми. Во трката на хронометар, пак, возачот (или тимот) за противник го има и часовникот. Тие велосипеди се лесни, цврсти, но и потешки за управување.

Кај нив најпрепознатлив елемент е издолжената позиција во која се наоѓа велосипедистот: ниска, аеродинамична и агресивна. Возачот седи на предниот дел од седлото при што се ангажираат различни мускулни групи за зголемена сила.
Тур де Франс е и одлична шанса за велосипедската индустрија да ја прикаже најновата, најлесната, најбрзата и најздрава опрема. Пред напливот на диск-сопирачките и на велосипедите „аеро“, изборот беше доста сиромашен. Повеќето користеа речиси идентични велосипеди, по два, еден за рамните и за ридските етапи и вториот за хронометар.

Претходниве години најголемата иновација, која има сѐ поголема примена, се хидрауличните диск-сопирачки. Нив ги користат сѐ повеќе велосипедисти, а пред две години прв победник на етапа на велосипед со диск-сопирачки беше Марсел Кител.
На најтешките ридски етапи, на планините се очекува возачите да користат и класични сопирачки сметајќи дека би можеле да им донесат некаква предност (барем тие така мислат), но изгледа само прашање на време е кога од употреба ќе бидат исфрлени класичните сопирачки.

Засега оваа мешавина на класични и диск-сопирачки е вистински кошмар за тимските механичари. Александар Кристоф пролетва стана првиот победник на врвна светска трка користејќи тркала без внатрешна гума (тубелес).
Како и во случајот со диск-сопирачките зголемувањето на бројот на корисници на новиот вид гуми веројатно е само прашање на време.