Тој беше дел од седумчлениот екипаж на „Истриа“, кој тргна од Лас Палмас на 24 ноември, и вчера пристигна на Карибите, по препловени 5.000 км

Македонецот Борјан Пановски, кој беше дел од седумчлениот екипаж на крузерот „бенето 57“, долг 17 метри, наречен „Истриа“, го преплови Атлантски Океан, во рамките на трансатлантската регата „АРЦ 2019“, која се одржува секоја година на крајот од ноември и е долга околу 5.000 км.

Екипата на Пановски, која стартуваше од Лас Палмас на Канарските Острови на 24 ноември, вчера пристигна на островот Санта Луција на Карибите.

– По 18 дена, 12 часа и 53 минути на Атлантикот, конечно стапнавме на копно. Имаше сѐ и сешто, од мирно море до високи бранови, сите сме многу среќни и радосни што оваа наша авантура помина во најдобар ред, иако имавме и некои мали технички проблеми, како кинење на едрото и слично. На стартот во Лас Палмас тргнаа над 180 едрилици со различни големини и во различни класи, а ние во Санта Луција пристигнавме меѓу првите стотина. Имаше и некои откажувања, но тоа е составен дел од ваквите регати – беа првите импресии на Пановски по пристигнувањето на Карибите.

Пановски (50) живее со семејството во Њујорк од 2006 година. Роден е во Скопје, од каде што заминал пред дваесетина години, прво во Даблин, Република Ирска, каде што престојувал од 2000 до 2006 година. Првите искуства околу едрењето ги стекнал на Мавровско и на Охридско Езеро во Македонија, посериозно продолжил да се занимава со едрењето во Даблин, а потоа и по преселбата во Њујорк. Л.Д.