Германската тениска ѕвезда, Александер Зверев се сомнева дека на Австралија опен има тенисери заразени со ковид-19, бидејќи, како што кажа, никој не ги тестира на турнирот во Мелбурн.

Французинот Иго Умбер потврди дека имал позитивен тест на ковид-19, ден по неговиот пораз во првото коло од Ришар Гаске, по што замина на еднонеделна изолација.

– Ни дозволуваат да излегуваме на јадење, да правиме што сакаме, така што е нормално повеќе луѓе да имаат коронавирус. Мислам дека повеќе од тенисерите имаа ковид-19 кога пристигнаа, и сигурно и сега имаат. Никој не нѐ тестира. Тука сум да играм и знам дека има многу позитивни случаи во Мелбурн и Австралија, така што не одам многу надвор, не сум бил во ресторани – изјави Зверев по победата над Џон Милман во второто коло.

Според „Ројтерс“, организаторите на Австралија опен бараат секој тенисер сам да прави антигентски брзи тестови секојдневно, додека официјални тестови се прават на денот кога тенисерите пристигнуваат и седум дена подоцна.

Австралискиот тенисер Бернард Томиќ во текот на квалификациите минатата недела исто така посочи дека немало ниту еден официјален ПЦР-тест пред неговиот настап.