Фото: Фејсбук/Карате клуб Металург

Реакција на тренерот на карате клубот Макпетрол – Скопје

Тренерот на најтрофејниот македонски карате клуб Макпетрол од Скопје, Бошко Заборски, преку отворено писмо до јавноста се спротивстави на изгласаниот правилник за работата и изборот на државните репрезентации. Во продолжение ја пренесуваме неговата рекација во целост.

Со овој допис сакам да ја информирам македонската спортска јавност и македонските спортски институции: Агенцијата за млади и спорт, Македонскиот олимписки комитет и сите клубови кои се членови на КФРСМ, дека јас Бошко Заборски, во моментов член на ИО на КФРСМ и потпретседател на истата, не се согласувам, и се спротивставувам на веќе изгласаниот правилник за работа и избор на државните репрезентации.

Не ја подржувам и политиката која се наметнува од страна на новото раководство на КФРСМ. Во периодот додека бев зафатен со учество на Европска универзијада во Полска, беа испратени бројни дописи до КФРСМ, потоа дописите почнаа да се испраќаат и до спортските медиуми за да биде појасна работата се одлучив и јас да испратам допис, најнапред до сите клубови во КФРСМ, а сега и до спортските медиуми во нашата држава,

Правилникот за избор и работа со државните селекции претставува најважниот правен документ во Федерацијата, со добро составен правилник кој има јасни критериуми за избор и со негова помош се контролира целата работа на клубовите и тренерите. Изготвувачот на предлог-правилникот, најнапред без никаква најава и консултација ова го направил тајно, плански смислено и во тесен круг на свои истомисленици, кои се во моментов функционери и ја предводат Федерацијата. Вака изгласан правилник, единствено ќе помогне за зголемена и комплетна контрола и приватизација на КФРСМ.

Ќе се прашате зашто сега приватизација и од каде до тоа се стигнало во размислувањата. Приватизација на федерацијата ќе се постигне не веднаш, но за година-две, со систематска и добро планирана реализација на проектот, еден клуб-репрезентација, односно со воведување на овој правилник во сила, сите клубови кои имаат репрезентативци посебно во сениорска , во конкуренција до 21 година и во јуниорска конкуренција, ќе бидат комплетно зависни само од страна на еден човек, а тоа се селекторите на тие селекции, блиски на новоизбраниот претседател на КФРСМ.

Суштински и најважно од сѐ, е тоа што со овој правилник на селекторите им се даваат неограничени права и можности за избор на репрезентативците и составот на селекциите. Стариот правилник комплетно се отстранува, со сите досегашни критериуми и ништо не важи со донесување на новиот правилник. При тоа, тие, предлагачите можат во секој момент да предложат спортисти-ки и тоа врз основа на лични оцени, кои секако дека ќе изобилуваат со субјективни, неаргументирани и дискриминативни проценки и оценки (а тоа е напишано во правилникот), каде што без вистинска критериумски вредности може да се врши избор на репрезентативците. Во овој правилник, едноставно не постојат критериуми, по кои ќе се избираат репрезентативците, односно може секогаш врз основа на субјективна забелешка да се измисли критериум, по кои поквалитетниот спортист може да се отстрани од националниот тим и за тоа клубот и спортистот и неговите најблиски, да не можат да имаат никаква забелешка на изборот на селекторот. На овој начин во секој момент за лични цели селекторот може да прави негативна селекција на спортисти/ки, за избор во селекциите.

Аргументи за неговата проценка и избор нема да бидат потребни, и затоа јас викам, ќе се направи приватизација на КФРСМ.

Загрижувачки е податокот, имено имаме директна реакција на десетина клубови, а од страна на новото раководство се нема слух, да се слушнат мислењата на тренерите и клубовите, кои се најзасегнати со донесувањето на новиот правилник.

Со овој правилник, се наруши комплетно рамнотежата во Федерацијата, рамнотежа едноставно нема да има, таа и до сега не постоеше, но сепак имаше критериуми по кои се избираа најдобрите спортисти.

Да се вратам на правилникот, зошто е неприфатлив:

– Правилникот во многу делови е субјективен, односно дава можност за неизмерна и неконтролирана субјективност при изборот на репрезентативците во сите селекции.

– Дискриминативен е во секој поглед и ваков каков што е ќе биде прогласен за таков и од страна на Комисија за дискриминација на РСМ.

– Нема јасни Критериуми за избор на репрезентативците, што е најважно, едноставно во многу делови остава можност за манипулација, необјективност, пристрасност, субјективност, тој ќе одговара само за спортисти од клубот или клубови блиски до селекторот.

– Правилникот, во себе содржи преголеми права кои им се даваат на селекторите, за избор на спортисти, за казнување, за одлучување, за поведување дисциплински постапки, до сега никогаш селекторот немал вакви неограничени права во досегашната карате историја. Освен во еден период , но затоа тогаш имаше два паралелни сојузи (федерации), големи кавги , подвоеност, дисфалификации од светска и европска сцена и многу неправилности во тогашното владеење со Федерацијата

– Селекторите со овој правилник, не мора, ама ќе можат да вршат уцени на спортисти, клубови и тренери за влез во репрезентација (им се дава можност)

– Селекторите не мора, ама ќе може да вршат уцени директно на клубовите , за нивни спортисти да бидат дел од репрезентацијата, (им се дава можност)

– Во секој момент само врз сопствена проценка на визуелизација или на нивно мислење се дозволува смена на спортист ( односно државниот првак, во секое време може да биде заменет дури и со трето четврто или петто пласиран спортист), близок до клубот на селекторот односно претседателот.

– Со индиректна и директна присила може да се принудуваат клубовите и спортистите да бидат добри извршители, полтрони и послушници и се остава голем простор да бидат уценувани ако не се „послушни“ и не ја следат политиката на Претседателот и селекторите, бидејќи ќе немаат репрезентативци, КФРСМ ќе биде едноставно приватизирана.

– Со овој правилник или со негова помош се врши комплетна контрола и приватизација на КФМ, од одредена група на луѓе, блиска до претседателот. Групата на владетелите и управувачите е позната на сите клубови кои реагираат и сакаат да помогнат овој правилник навреме да се отстрани

– Со овој правилник, репрезентацијата во скоро сите возрасни категории од напред ќе биде составена, едноставно се губи основната смисла на одржувањето на државните првенства, изборните првенства и контролните турнири.

– Овој правилник, ќе овозможи голема привилегија и недопирливост само на одредени спортисти кои ќе бидат фаворизирани од страна на раководството и селекторите.

– Привилегија, да се облече националниот дрес ќе ја имаат само спортисти кои се блиски до претседателот и групацијата на селектори кои сами се избираат

– Власта управувањето и раководењето со Федерацијата, повторно ќе биде само во 3-4 луѓе, само тие ќе одлучуваат за сите прашања кои се поврзани со интересите на спортистите, тренерите и клубовите

– Сега овој дел е еден од најважните, бидејќи вој начин на работа ќе придонесе да се користат еднострано и строго контролирано и управувано заедничките финансии од КФРСМ, финансии за кои придонесуваат сите клубови , преку уплата на годишни членарини, регистрации на клубови, регистрации на спортисти, добивање на ваучери за федерација, ваучери за клубови, ваучери за спортисти, средства од АМС, кои се добиваат по план и програма за работа а тие средства ќе ги користат само блиските клубови до претседателот, тие кои ќе ја пратат неговата политика на припадност и нееднаквост, бидејќи само од тие клубови ќе бидат избирани селектори , помошници тренери и репрезентативци и само тие ќе имаат можност за добивање на поголем клупски и спортски ваучер

– Правилникот ќе се претвори во оружје за присила, односно со него ќе се постигне целта, за вршење на притисок на клубовите тренерите и спортистите, или си со нас или нема да имаш квалитетен спортист и клуб

– Само луѓе од потесното раководство, се тие кои ќе патуваат на сите натпревари со заедничките финансиски средства, тие истите ќе ја водат репрезентацијата на сите натпревари и во секое време ако нешто не им одговара ќе можат да ги казнат сите останати и за тие одлуки ќе бидат покриени со правилник кој го изгласаа електронски.

– Поголемиот дел од вистински квалитет на спортисти ќе бидат маргинализирани и неправедно отстранети од националниот тим, а такви ќе има многу, поради новонастанатата состојба во која ќе имаме привилигирани клубови и тренери, затоа ќе имаме масовно откажување на спортисти од активно тренирање и настапување во карате федерацијата.

– Клубовите и тренерите ќе немаат никакво Објаснување за своите спортисти, во делот зашто нивниот спортист е отстранет од репрезентацијата, тренерите нема да бидат во можност да им објаснат на спортистите зашто се отстранети од репрезентацијата, едноставно сите спортисти кои се поинтелигентни а такви се сите, веднаш ќе се откажат од тренирање и натпреварување, а со тоа КФРСМ ќе загуби многу квалитетни спортисти, такви примери имаше и до сега.

– Сега со овој правилник, вие кои извршивте „окупација на КФРСМ“ ќе имате можност, овој рецепт да го применувате каде сакате и во која возрасна категорија сакате да направите промена, вие ќе ја направите а за тоа да бидете покриени со правилник, кој самите си го изгласавте без дозвола и расправа со сите клубови кои партиципираат во составувањето на репрезентациите

Јас, сега за сега овде ќе застанам, иако има уште многу да пишувам за оваа работа, јасно и гласно кажувам, не смеевте да си дозволите изгласување на овој правилник, бидејќи во неговата изработка не побаравте мислење од ниту еден докажан и заслужен клуб или тренер, кој има направено повеќе за федерацијата до сега, од колку сите вие заедно. Такви тренери и клубови постојат, но вие очигледно заслепени од моменталната власт не ги сметате за рамноправни чинители.

Немавте консензус и договорна рамка и согласност за предлагање и прифаќање на овој Правилник, од сите клубови и тренери кои несебично досега придонесуваа за Афирмирање и постигнување на резултати во КФРСМ. Напротив имате, секојдневно бројни дописи во кои клубовите Ви посочуваат дека одите во погрешна политичка насока во нашата Федерација.

Запомнете еднаш дека КФРСМ, не е ваша приватна своина, дури и столчињата на кои седите во канцеларијата се купени од наши пари, поради тоа ние клубовите и тренерите кои работиме и сме засегнати ќе се бориме за нашите права и за нашата Федерација, заклучува Заборски во отвореното писмо.