Ние, помладите возачи, повеќе се тркаме на инстинкт, не го чекаме последниот момент за напад, вели Погачар, кој вози за третата по ред победа на Тур де Франс, а и покрај сите победи, тој е подготвен и да загуби: „Не може секогаш да се победува. Ако не победам, нема да се вознемирувам поради тоа. Работам напорно за да победувам на трките, но приоритет е да бидам добар пријател со моите пријатели и да имам добри односи со луѓето што ги сакам во мојот живот“

ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ТАДЕЈ ПОГАЧАР

Тадеј Погачар речиси никој не го препознава на улиците на Монте Карло или во локалниот супермаркет. Дури и во омилената продавница за велосипеди, двојниот шампион на Тур де Франс чека во редица без да биде вознемируван.
– Сакам да влегувам внатре и да гледам што има ново, не ми пречи да чекам ако има клиенти пред мене – вели Погачар во интервјуто за „Индепендент“.
Скромноста во начинот на кој Погачар им пристапува на животот и на велосипедизмот, како на „возење од задоволство“, досега му донесе многу радости и награди. Двете победи на Тур де Франс и можната историска трета кон крајот на јули ќе го сместат меѓу великаните на велосипедизмот.
– За мене, тоа не е нешто во што би уживал премногу и би се фалел по завршувањето на кариерата. Работам напорно за да победувам на трките, но приоритет е да бидам добар пријател со моите пријатели и да имам добри односи со луѓето што ги сакам во мојот живот – вели Погачар.
Монако можеби е неговото место на живеење, но „домот“ му е во Словенија, пишува „Индепендент“.

– Искрено, за мене најтешкиот дел од трките е кога сум далеку од домот. Тоа е мојата страст. Но ако повеќе не уживате во велосипедскиот живот, тогаш подобро е да најдете нешто друго што ве прави среќни – вели Погачар.
Десетте победи сезонава ги забележа на различни начини, од постепено мелење на противниците, до доцни соло-напади. Неговиот напаѓачки стил е дел од трендот во овој спорт и е спротивен на методичното и искалкулирано возење.
– Мислам дека возењето велосипед станува поавантуристичко отколку порано. Сега ние, помладите возачи, повеќе се тркаме на инстинкт, не го чекаме последниот момент за напад – вели Погачар.
На трките е потребна деликатна рамнотежа. Ако се форсира прерано, телото може да попушти, ако се чека предолго, можно е да се пропушти шансата. Секој можен фактор е битен при пресметките на возачот, преостанатите километри, енергијата, стиловите и силните страни на ривалите, временските услови. Но сѐ се сведува на вроденото чувство за тајминг.
– Секогаш гледам наоколу, ги проверувам сите како ги вртат педалите, дали возат исто како и претходниот ден. Самиот најдобро знаеш кога и што треба да направиш и каква штета можеш да им направиш – објаснува Погачар.
Сепак, и покрај сите победи, тој е подготвен и да загуби.
– Ако погледнете статистички, еден ден треба да загубите. Можеби оваа, можеби следната година, никогаш не се знае. Не може секогаш да се победува. Имам доста среќа со моите резултати досега, но ќе има моменти кога ќе имам лоша година или некои тешки фази и треба да бидам подготвен за тоа. Тоа е дел од успехот и од неуспехот – објаснува Погачар.
Словенија е единственото место каде што тој не може да остане незабележан, имајќи предвид дека на национално ниво е славен како Лука Дончиќ или Меланија Трамп, пишува „Индепендент“.

– Понекогаш ми е непријатно, но се навикнав – вели тој.
Семејството му е сѐ. Секое лето неговиот брат и сестра со кампер крстосуваат низ Европа за да го видат како вози низ Франција. Како дете бил опседнат со Тур де Франс, го гледал на ТВ и потоа излегувал да вози велосипед преправајќи се дека е неговиот херој Алберто Контадор. Има една приказна за првата трка на Погачар, кога влијателниот национален тренер Андреј Хауптман гледал едно мало дете што заостанувало зад другите и прокоментирал дека не треба да се трка со повозрасните. „А, не, тоа дете победува и им бега еден круг на тие зад него“, му објасниле на Хаптман. Оттогаш тој не престана да ги победува поголемите момчиња. Постигна неверојатни успеси на многу рана возраст, на 23 години, кога најголемиот ривал Примож Роглич едвај се тркал, Крис Фрум само што станал професионалец, а големиот Еди Меркс уште не ја забележал првата од петте победи на Тур. Меркс прогнозира дека Погачар ќе ги собори неговите многубројни рекорди, дури и го нарече Новиот Канибал, повикувајќи се на сопствениот тркачки прекар.
Погачар отсекогаш сакал да биде скромниот предизвикувач, кој не е во фокусот на вниманието на трките и во животот, но годинава на Тур де Франс е токму во таква, главна улога. Ривалските тимови се силни, можеби ќе го спречат да победи третпат, но не можат да му ја намалат забавата од возење на трката. Што би му значела третата победа по ред?
– Ако не победам, нема да се вознемирувам поради тоа – вели тој. Л.Д.