Струмичани дојдоа до осмиот куп-трофеј, победувајќи го Вардар во финалето, со 3-0. Кај жените триумфира Работнички, кој го совлада Јанта волеј Кисела Вода, со 3-1

ОДБОЈКА – КУП НА МАКЕДОНИЈА

Одбојкарите на Струмица се новo-стари победници во Купот на Македонија, по осми пат во клупската историја. Во 29-то Kуп-финале што се одигра во Кавадарци, Струмица го победи Вардар со 3-0 (25-21, 25-12, 25-17).
Во полуфиналните дуели, Струмица ја совлада Шкендија со 3-0, а Вардар беше подобар од Универзитет Тетово со 3-2.
Покрај одбојкарите на чело со еден од најискусните, Васе Михаилов за кого ова беше осми куп-трофеј, големи заслуги за успехот има тренерот Кире Ричлиев (55), кој повеќе од 40 години е во овој спорт и има удел во сите титули на Струмица, во купот и во првенството. Покрај трофеите, Ричлиев, кој е легенда на струмичката и на македонската одбојка, може да се пофали и со податокот дека под негов тренерски надзор поминале многу македонски репрезентативци. На градско ниво, Ричлиев 15 пати бил прогласуван за најуспешен тренер.
– Среќен сум поради новата титула, со речиси нов подмладен тим во споредба со оној од лани од кој недостигаат дури деветмина одбојкари. Но помладите покажаа дека се достојна замена и оти може да очекуваме триумф и во првенството во кое досега немаме пораз – вели Ричлиев, кој најавува дека Струмица во новата сезона ќе учествува и во Купот на ЦЕВ.
Кај жените трофејот го освоија одбојкарките на Работнички Скопје, кои во финалето го совладаа фаворитот, Јанта волеј Кисела Вода, со 3-1 (19-25, 25-23, 25-23, 25-23).
Во полуфиналните дуели, Работнички Скопје ја елиминира Струмица жени со 3-1, а бранителките на ланската двојна круна, Јанта волеј Кисела Вода беа подобри од Наковски волеј, исто така со 3-1.