Со таа трка ја завршувам зимската сезона, од која сум многу задоволен. Поставив нови државни рекорди на 400 и на 200 метри, што е добра подлога за летната сезона, вели Стојоски, кој ќе настапи во квалификациите на 400 метри, в петок, во конкуренција на 29 атлетичари. На СП 2022 се очекува да настапат 680 атлетичари, меѓу нив 12 олимписки и 10 светски шампиони

АТЛЕТИКА – ОД ПЕТОК ВО БЕЛГРАД

Јован Стојоски ќе биде единствениот претставник на Македонија на Светското првенство (СП) во атлетика во сала, кое од петок до недела треба да се одржи во Белград (Србија).
Стојоски ќе настапи во трката на 400 метри, во која во февруари на митингот во Будимпешта (Унгарија) постави нов рекорд на Македонија, со време 47,18 секунди, соборувајќи го 35 години стариот рекорд на Исмаил Мачев (47,49 секунди). Тоа постигнување на Стојоски беше најблиску до потребната норма, со што се стекна со право да учествува на Светското првенство во Белград.
Тој ќе настапи во квалификациите на 400 метри, в петок, во конкуренција на 29 атлетичари.
– Со таа трка ја завршувам зимската сезона, од која сум многу задоволен. Поставив нови државни рекорди на 400 и на 200 метри, што е добра подлога за летната сезона. Може ли да падне нов рекорд? Се разбира дека може, јас секогаш одам „до даска“ – ни изјави Стојоски.
На СП 2022 се очекува да настапат 680 атлетичари (372 мажи и 308 жени) од 137 земји. Меѓу пријавените се и 12 актуелни шампиони од Летните олимписки игри во Токио (Јапонија) лани и 10 прваци од минатото Светско првенство во атлетика во сала, одржано во Бирмигнем (Велика Британија), во 2018 година.