Фото: Приватна архива/Фејсбук

Базените во целиот свет се објекти од јавен интерес и секаде се поддржани од државата, за разлика од кај нас, каде што државниот базен треба да се самофинансира за да функционира, вели прославениот поранешен македонски пливач Томи Стефановски, коментирајќи ја за „Нова Македонија“ ситуацијата со затворените базени во државава.

Поради сериозен дефект на системот за греење престана да работи затворениот пливачки базен во рамките на спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Карпош, а од претходно, ниту базенот во Куманово не е во функција, поради зголемената цена на струјата и енергетската криза во државава. Моментно функционира само 25-метарскиот базен во рамки на олимпискиот базен „Центар“ во Скопје. Професионалното пливање во државава деновиве е сведено на импровизација, според Стефановски.

– Поради наводен дефект, за кој ни рекоа дека треба да се санира во следните две недели, принудени бевме да се префрлиме во Олимписки базен, каде веќе неколку дена импровизираме со тренинзи. На располагање го имаме само малиот 25 метарски базен кој неисполнува услови за професионално пливање ни со должината, ни со длабочината. Жално е што ова не е прв пат, проблемот се повторува, а ние сме приморани да работиме во вакви услови во 21 век. Овој базен е за почетници, мали дечиња, а сега во него приморани се да тренираат неколкуте „професионални“ пливачи кои ги имаме во клубовите, и кои во такви услови треба да се подготвуваат за достигнување на врвни резултати и норми – истакна Стефановски, додавајќи дека во Македонија моментно има четири-пет професионални пливачи, стотина пливачи на возраст меѓу 12 и 18 години или вкупно илјада деца кои се занимаваат со пливање на државно ниво.

Поранешната македонска олимписка пливачка Наташа Мешковска, пак, се сомнева дека надлежните штедат поради поскапувањето на струјата, како што истакна во објавата на нејзиниот фејсбук-профил. Таа истовремено побара државата под итно да го реши проблемот и базенот кој е изграден од самопридонес на граѓаните да биде вратен во функција.

– Се стави клуч и единствениот пливачки објект кој функционираше за клубовите и граѓаните, базенот Карпош. Со тоа и официјално се уништи најздравиот спорт за секое дете, за секој човек, пливањето. Спорт во кој имаше врвни резултати и нацијата беше горда на тоа. Образложението е дека има дефект, но никој не верува во тоа. Трошок им е. Затоа нема да работи – објави Мешковска на Фејсбук.

На ваквата ситуација преку Фејсбук реагираше и македонскиот маратонец Евгениј Поп Ацев.

– Го достигнавме самото дно. Останавме и без тоа малку што имавме. Цела држава не може да одржи еден базен кој е постојано полн, каде илјадници деца учат да пливаат и создаваат здрави навики, возрасни се рекреираат и пливачи тренираат по два пати на ден. „Експертите” во иднина да нѐ поштедат од стручните мислења и осуди за резултатите на македонските спортисти во било кој спорт – напиша Поп Ацев.
Јавноста и пливачите реагираа бурно на затворањето на базените, прашувајќи се зошто не постои интерес базените да работат, додека истовремено апелираа проблемот да биде надминат.