ТЕНИС
Ѓоковиќ прв со барем 80 победи на секој гранслем-турнир

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ (35) со победата во првото коло над Кореецот Сонво Квон (рангиран 81. на светската листа), со 3-1 во сетови (6-3, 3-6, 6-3, 6-4), на гранслем-турнирот во Вимблдон, постави нов рекорд во тениската историја. Ѓоковиќ стана прв тенисер што на секој од четирите гранслем-турнири остварил најмалку по 80 победи.
На Вимблдон најмногу поединечни победи има Швајцарецот Роже Федерер (105 триумфа), на Ролан Гарос прв е Шпанецот Рафаел Надал со 112 победи, на Австралија опен води Федерер со 102, а на САД опен прв е Американецот Џими Конорс со 98 победи во поединечна конкуренција. Г.И.


ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – НА ТУР ДЕ ФРАНС
За победникот половина милион, за најслабите по 1.000 евра

На годинашниот, 109-ти Тур де Франс, кој почнува в петок, наградниот фонд ќе изнесува 2.288.450 евра, кои ќе ги поделат најдобрите велосипедисти во неколку категории, од победникот во генерален пласман, до победниците на етапите, во спринт, до тимските награди итн. Вкупниот победник ќе добие 500.000 евра, второпласираниот 200.000, а третопласираниот 100.000 евра. Дури и за најлошо пласираните завршувањето на трката ќе значи заработка од по 1.000 евра. Најдобрите според бројот на освоени поени, како и на ридско/планинските етапи, ќе бидат наградени со по 25.000 евра. Најдобриот млад возач (до 23 години) ќе добие 20.000 евра, а се добиваат и дневни парични награди, пред сѐ, за победникот на етапата, 11.000 евра. Тука е и „Сувенир Анри Дезгранж“, за велосипедистот победникот на етапата на највисокиот врв, во износ од 5.000 евра. Годинава таа награда ќе ја добие победникот на 11-та етапа на славниот Кол ди Галибие (2.642 м) на највисоката точка на Тур де Франс, кој се наоѓа на Алпите, во близината на Гренобл. Меѓу многуте награди е и за најборбениот возач на одредена етапа, од 2.000 евра. На крајот на трката се доделува награда за суперборбеност и победникот добива 20.000 евра. Л.Д.