ТЕНИС – АТП
Пробно ќе се дозволи советување со тренерите за време на меч

Тренерски совети надвор од теренот пробно ќе бидат дозволени за време на мечевите на САД опен, како и на други тениски турнири за мажи во втората половина од сезонава, објави Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП). Различни правила за советување со тренерите за време на мечевите се испробани претходниве години, вклучувајќи го и советувањето на теренот или преку слушалки.
Советувањето со тренер надвор од теренот ќе биде дозволено под неколку услови, како тоа тренерите да мора да седат на одредените седишта на трибините, советувањето (вербално и невербално) е дозволено само доколку не ја прекинува играта или не создава каква било пречка за противникот, вербалното советување е дозволено само кога играчот е на истиот крај од теренот со тренерот, невербалниот контакт (рачни сигнали) е дозволен во секое време, вербалниот дел може да се состои од неколку збора или кратки фрази (не се дозволени разговори), тренерите не смеат да зборуваат со својот тенисер кога играчот го напушта теренот поради каква било причина… Вакво советување со тренерите веќе се испробува на турнирите за тенисерки, пишува „Би-би-си“.


ТЕНИС – ВИМБЛДОН
Ѓоковиќ и Швјонтек први носители

Актуелниот шампион на тенискиот гранслем-турнир Вимблдон, Новак Ѓоковиќ, е прв носител во машка конкуренција на тој турнир годинава, кој почнува в понеделник, а Рафаел Надал, кој е на половина пат од можниот календарски гранслем по освојувањето на титулите на Австралија опен и на Ролан Гарос, ќе биде втор носител, пишува „Скај спорт“. Прва носителка на турнирот за тенисерки е Ига Швјонтек, победничка на Ролан Гарос годинава.
Тенискиот турнир Вимблдон се игра од пред 145 години, од 1877 година, и досега се одиграни 134 турнири.
Организаторите на Вимблдон претходно користеа компјутерски систем, кој ги фаворизираше резултатите на тревните терени во претходните две години за да ги одредат носителите, но од изданието за 2021 година носителите се одредуваат според ранг-листата, пишува „Скај спорт“.


ПЛИВАЊЕ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО
Милак ја одбрани титулата со светски рекорд

Олимпискиот шампион, Унгарецот Кристоф Милак (22), го собори сопствениот светски рекорд на 200 метри пеперутка, испливувајќи ја патеката на Светското првенство (СП) во Унгарија за 1:50,34 минута, што беше побрзо за 39 стотинки од стариот рекорд поставен во јули 2019 година. Милак го освои првиот медал за Унгарија на ова СП и е првиот што победил на 200 м пеперутка на СП пред домашна публика. Тој е четвртиот пливач што победил на СП два или повеќе пати, по Американецот Мајкл Фелпс (пет пати), Јужноафриканецот Чад Ле Клос и Германецот Мајкл Грос (по двапати).
– Ова е мојот дом, базенот е мој, патеката број четири ми припаѓа мене. Имаше над 4.000 неверојатни луѓе што ме гледаа и не можев да ги изневерам – рече тој по одбраната на титулата светски првак пред домашната публика во Будимпешта. Л.Д.


ЛОИ во Токио чинеле 13 милијарди долари

Конечната сума за одржување на минатогодишните Летни олимписки игри (ЛОИ) во Токио, кои беа одложени поради ковид-19, е 13 милијарди долари, соопшти Организацискиот комитет (ОК) на последниот состанок пред распуштањето на крајот од месецот, пренесува агенцијата Асошиејтед прес (АП). Трошоците за Игрите се двојно поголеми од предвидените во 2013 година, кога на Токио му беа доделени Игрите. Сепак, конечната сума е пониска од 15,4-те милијарди долари што се предвидуваа по завршувањето на Игрите пред 11 месеци. Од ОК велат дека имало минус од најмалку 800 милиони долари од продажбата на билети поради отсуството на публика, но и оти имало заштеди поради тоа. Помали трошоци имало поради намалените безбедносни мерки и за одржување на спортските објекти. Невозможно е да се процени долгорочното влијание на ЛОИ за Токио, особено за голем град како што е јапонската престолнина. Најважното наследство, секако, е националниот стадион, вреден 1,4 милијарда долари. Иако е нов објект, беспрекорно се вклопува во околината. Игрите во Токио ќе останат запаметени и како први што беа одложени за една година, а потоа се одржаа главно без гледачи во таканаречениот „балон“. Л.Д.