Кугларите Стефанија Алексовска и Архан Арслановски ќе бидат македонски претставници на Светскиот куп

КУГЛАЊЕ – СВЕТСКИ КУП ДО 18 ГОДИНИ

Алексовска и Арслановски македонски претставници

Кугларите Стефанија Алексовска од клубот Пелистер Пин и Архан Арслановски од клубот Пелистер 1982 ќе бидат македонските претставници на Светскиот куп (СК) за куглари до 18 години во Елва, Естонија, во мај годинава.
– Изборното првенство за претставници на СК се играше еден месец на новата кугларница во Битола, имаше четири натпревари квалификации, а потоа следуваа полуфинале и финале. Сметам дека во моментов ги одбравме најдобрите во оваа конкуренција – ни изјави селекторот на младинската репрезентација Игор Михајловски.
Подготовките за Светскиот куп почнуваат веднаш по завршувањето на кугларската лига на Македонија. Г.И.


ФУДБАЛ – АНГЛИЈА

Руни и Виеира се нови членови на „Куќата на славните“

Вејн Руни, напаѓачот на Манчестер јунајтед, и поранешниот капитен на Арсенал, сега тренер на Кристал палас, Патрик Виеира, се примени во „Куќата на славните“ на англиската фудбалска Премиер-лига. Тие им придружија во избраната група на Дејвид Бекам, Стивен Џерард, Денис Бергкамп, Франк Лампард, Рој Кин, Ерик Кантона, Тиери Анри и на Алан Ширер.
Руни, сега менаџер на Дерби од дивизијата Чемпионшип, е втор на листата најдобри стрелци во Премиер-лигата со 208 гола (за Јунајтед и за Евертон). Тој пет пати ја освои Премиер-лигата. Виеира одигра 307 меча во Премиер-лигата, триумфирајќи трипати, еднаш и како капитен на „непобедливиот“ тим на Арсенал, кој е единствениот клуб што ја освоил титулата без загубен натпревар. Виеира (45) со Франција беше светски првак во 1998 година.
„Куќата на славните“ им оддава признание на најдобрите играчи во Премиер-лигата од нејзиното основање во 1992 година. Руни и Виеира се првите двајца примени во 2022 година, а по гласањето на навивачите што ќе трае до 3 април ќе им се придружат уште шестмина од списокот со 25 поранешни фудбалери, меѓу кои се Роби Фаулер, Мајкл Овен, Петер Шмајхел, Џон Тери, Рио Фердинад, Серхио Агуеро, Дидие Дрогба и други. Л.Д.