За мене, поважно е што ќе се случува понатаму. Ние, младите, не сме навикнати постојано да бидеме во центарот на вниманието, навикнати сме да бидеме на терен, да играме. Тешко е во почетокот да се приспособиш на тоа, вели Швјонтек, размислувајќи за последиците од нејзиниот успех, но и на Радукану

ТЕНИС – ИГА ШВЈОНТЕК

Има малку тинејџери што знаат какво е чувството да се освои голем трофеј. Уште помалку се оние што го направиле тоа без да бидат носители и без загубен сет. Ига Швјонтек од Полска е една од нив, со освоената титула на Ролан Гарос во 2020 година, пишува весникот „Телеграф“ по телефонското интервју пред почетокот на годинашниот гранслем-турнир Австралија опен.
„Интересно, Ема седи веднаш до мене“, вели Швјонтек смеејќи се, на прашањето дали гледа сличности меѓу неа и Радукану на патот до гранслем-славата. „Она што го направи таа беше неверојатно, почнувајќи од квалификациите, огромна почит. Но знам и како е да се биде во таа зона и се сеќавам како јас се чувствував на Ролан Гарос. Сигурна сум дека таа имаше слично чувство“. На седумте меча во Париз, Швјонтек загуби само 28 гема, победувајќи ги притоа и големите шампионки како Симона Халеп и Софија Кенин. Навраќајќи се на тие две недели, Швјонтек (20) вели дека едно чувство ѝ доаѓа на ум. „Тоа беше навистина мирно време за мене“. Но она што следуваше беше сѐ друго освен мирно време. Како прва гранслем-шампионка на Полска, таа беше катапултирана до слава дома и нејзиниот живот засекогаш се промени. Сега светски брендови ѝ`се главни спонзори, а беше втора, веднаш зад фудбалерот Роберт Левандовски во изборот за спортска личност на годината. Таа стана ѕвезда прекуноќ и вели дека малкумина имаат такво искуство.

– За мене поважно е што ќе се случува понатаму. Навистина не знам каква е нејзината ситуација (на Радукану – н.з.). Ние младите не сме навикнати постојано да бидеме во центарот на вниманието, навикнати сме да бидеме на терен, да играме. Тешко е во почетокот да се приспособиш на тоа – вели таа.
Швјонтек, по Ролан Гарос, нема освоено ниту еден поголем турнир, но минатата година ја помина втората недела на сите четири гранслем-турнири, освои титули во Аделаида и во Рим, се најде во врвните 10 и стигна до финалето на ВТА на крајот од годината. Но длабоко во себе имаше судири.
– Кога ја почнав сезоната беше многу стресно, бидејќи првпат знаев дека спонзорите ми веруваат и оти имам нови деловни партнери. Сакав да им покажам дека тоа не беше само еден добар турнир, се чувствував како да имам огромен товар на рамењата. Морав да сфатам дека, ако не се опуштам малку, нема да играм добро и да си докажам себеси и на светот дека тоа не беше само случаен блесок – вели таа.
Швјонтек одлучи да го заврши школувањето пред целосно да му се посвети на тенисот и, пред победата во Франција, уште размислуваше дали да се запише на универзитет. Таа има и спортски психолог со полно работно време, што е реткост на турнирите. Тоа е Дарија Абрамович, поранешна репрезентативка на Полска во едрење, која патувала со Швјонтек речиси на секој настан во последните две и пол години и се смета за една од нејзините најдоверливи соработнички. „Таа ме направи попаметна. Знам повеќе за спортот и за психологијата, можам да ги разберам сопствените чувства и можам да ги кажам гласно“, вели Швјонтек.