Мишел Гисин го одбрани златото од Пјонгчанг во 2018 година во алпска комбинација за петта олимписка титула за Швајцарија на Игрите во Пекинг

ЗИМСКИ ОЛИМПИСКИ ИГРИ ВО ПЕКИНГ

Мишел Гисин од Швајцарија на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Пекинг го одбрани златото освоено во Пјонгчанг во 2018 година во алпска комбинација (по една трка во спуст и во слалом). Покрај неа со медали се закитија нејзината сонародничка Венди Холденер (сребро) и Федерика Брињоне (бронза), првата Италијанка што освојува медал во оваа дисциплина.
Сите три веќе имаа освоени медали на ЗОИ во Кина. Гисин освои бронза во супервелеслалом, Холденер бронза во слалом, а Брињоне сребро во велеслалом. Швајцарија стана првата земја што освоила пет златни медали во алпско скијање на едни ЗОИ. Покрај Гисин, со златни медали од Пекинг се враќаат Корин Сутер (спуст), Лара Гут-Бехрами (супервелеслалом), Марко Одермат (велеслалом) и Беат Фојц (спуст).
Американката Микаела Шифрин, која на ЗОИ во Пекинг пристигна како една од најголемите ѕвезди на алпското скијање, ќе остане без индивидуален медал. Шифрин, двократната златна олимписка медалистка од ЗОИ 2014 во слалом и од Пјонгчанг во 2018 година во велеслалом, третпат не успеа да заврши трка на ЗОИ 2022, слаломската во алпска комбинација, откако претходно не ги заврши трките во велеслалом и во слалом. Шифрин првпат од 2011 година, кога дебитираше во Светскиот куп на 16-годишна возраст, не успеа да заврши две технички трки по ред.