Серена Вилијамс ќе се повлече од тенисот по САД опен

Можеби најдобриот збор за да се опише она што го правам е еволуција. Тука сум да ви кажам дека еволуирам далеку од тенисот, кон други работи што ми се важни, напиша Вилијамс во написот за „Вог“, пренесе „Ројтерс“

Американката Серена Вилијамс изјави дека „еволуира далеку од тенисот“ и планира да се повлече од спортот во кој доминираше со 23 гранслем-титули, по претстојниот гранслем-турнир САД опен, пишува „Ројтерс“. Вилијамс неделава го одигра само својот втор меч во поединечна конкуренција откако се врати на терените на Вимблдон во јуни, по едногодишно отсуство од натпреварувањето, и стигна до второто коло на турнирот во Торонто.
– Никогаш не ми се допадна зборот пензија. Можеби најдобриот збор за да се опише она што го правам е еволуција. Тука сум да ви кажам дека еволуирам далеку од тенисот, кон други работи што ми се важни. Пред неколку години тивко ја основав фирмата „Серена венчрс“. Набргу потоа основав семејство. Сакам да го развијам тоа семејство – вели Вилијамс во написот за „Вог“, пренесе „Ројтерс“.
Вилијамс го освои својот 23-ти гранслем во 2017 година и ја брка 24-та круна, со што ќе се израмни со Австралијката Маргарет Корт, која го држи рекордот. Вилијамс беше блиску до тој подвиг, настапувајќи во четири големи финалиња откако ја роди ќерката Олимпија во 2017 година, пишува „Ројтерс“.
– Има луѓе што велат дека не сум најдобрата на сите времиња затоа што не го поминав рекордот на Корт, кој таа го постигна пред „отворената ера“, која почна во 1968 година. Ќе излажам ако кажам дека не го сакам тој рекорд. Очигледно го сакам. Но, од ден на ден, навистина не размислувам за тоа – рече Вилијамс, која подоцна во објава на Инстаграм рече дека е време да се движи во „поинаква насока“: „Морам да се фокусирам на тоа да бидам мајка, моите духовни цели и конечно да откријам една поинаква, но само возбудлива Серена“, пренесе „Ројтерс“.
Вилијамс го освои првиот гранслем-трофеј на САД опен во 1999 година, турнир на кој ќе победи уште пет пати. Таа освои и по седум титули на Вимблдон и на Австралија опен и уште три на Ролан Гарос, имаше осум одделни периоди на врвот на ВТА-рангирањето, вкупно 319 недели како светски број еден, освои 14 гранслем-титули во двојки со постарата сестра Венус и четири златни олимписки медали, еден во поединечна конкуренција (2012 година) и три во двојки (2000, 2008, 2012).