ОДБОЈКА – ЕВРОПСКА СРЕБРЕНА ЛИГА

Во финалето, Романија ја совлада Финска, со 3-2, а во мечот за третото место Македонија беше подобра од домаќинот Унгарија, исто така, со 3-2

Македонија го совлада домаќинот Унгарија, со 3-2 (25-22, 18-25, 25-15, 19-25, 15-7), и го освои третото место на фајналфор-турнирот во одбојкарската Европска сребрена лига, која се одржа во Будимпешта. За македонските одбојкари ова е втор бронзен медал, вкупно шести во ова натпреварување (има и четири сребра).

Македонија, која настапи во подмладен состав и без неколку стандардни репрезентативци во годинашната Сребрена лига, предводена и од нов селектор, Ратко Павличевиќ, играше променливо, во групната фаза и на завршниот турнир. Оттаму, третото место може да се оквалификува како успех и како добра појдовна основа за помладите одбојкари, кои добија шанса и покажаа дека може да се смета на нив за следното Европско првенство (ЕП) во 2023 година, на кое Македонија е во улога на коорганизатор.

Капитенот Никола Ѓорѓиев, најефикасниот во мечот со Унгарија, со 28-те поени, беше најзабележителен во селекцијата на Македонија на турнирот, како и во групната фаза. Во добра светлина се покажаа и младите Стојан Илиев, Лука Костиќ, Филип Савовски, но и поискусните Филип Маџунков, Владо Милев, Ѓорѓи Ѓорѓиев, Филип Деспотовски…
Во финалето, Романија, победникот од 2019 година, ја совлада Финска, со 3-2 (17-25, 25-21, 20-25, 25-23, 15-13), со што си обезбеди настап во Златната европска лига следната година, како и парична награда од 50.000 евра. Л.Д.