Во осмото коло, Ристески со црни фигури го подели поенот со хрватскиот велемајстор Стевиќ, моментно 274-ти шахист во светот, со над 200 рејтинг-поени повеќе од Ристески

ШАХ – ПОЕДИНЕЧНО ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО

Македонскиот ФИДЕ-мајстор (ФМ) Емил Ристески (2.347 рејтинг-поени), забележа значајно реми во настојувањето да ја освои и втората норма за интернационален мајстор (ИМ) на Европското првенство (ЕП) во Брежице (Словенија).
Ристески со црни фигури го подели поенот со хрватскиот велемајстор (ВМ) Хрвоје Стевиќ (2.587, рангиран 59-ти пред почетокот на ЕП 2022), поранешен светски првак во категоријата до 16 години, шампион на Хрватска во 2007 година, a моментно 274-ти шахист во светот, со повеќе од 200 рејтинг-поени повеќе од Ристески.
Од другите македонски претставници, цел поен освоија Антон Златков (рејтинг 2.081) против Украинката Олга Трибушнаја (1.716) и Хедон Мифтари (1.987) против Унгарецот Жомбор Пасти (1.773), а загубија ФМ Роберт Велески (2.136) од словенечкиот ФМ Мај Зилкербаш (2.295) и Филип Михов (2.255) од Словенецот Андраж Грегорич (2.091). ВМ Кирил Георгиев (2.564) го напушти турнирот по седмото коло.
На три кола до крајот на ЕП 2022, Ристески со четири поени е на делба на 138-182 место, Златков со три е на делба на 239-263 место, Михов и Велески со по 2,5 поени го делат 264-290 место, а со два поена Мифтари е на делба 291-305 место. По осум кола, Златков има најмногу новоосвоени рејтинг-поени (27,6), а го следи Ристески (13,4).
По осмото коло на ЕП 2022, во конкуренција на 317 шахисти (114 велемајстори) од 40 држави, со седум поени и понатаму води ВМ од Германија, Матијас Блубаум (рејтинг 2.642, рангиран 20-ти пред ЕП).