Фото: Принт-скрин

Поранешниот светски боксерски првак во тешка категорија Владимир Кличко објави денеска дека размислува за враќање во рингот.

Два дена по објавата на британскиот светски првак Тајсон Фјури дека ја завршува кариерата, 46-годишниот Кличко во интервју за германскиот весник „Билд“ најави дека ќе се обиде да се врати во рингот.

– Зошто да не, доколку сум во добра форма. Можеби и ќе сонувам да го соборам рекордот на (Џорџ) Форман. Дефинитивно имам силна мотивација кога секое утро се будам и спортувам – изјави Владимир Кличко, кој се наоѓа во Киев, украинската престолнина чиј градоначалник е неговиот брат Виталиј Кличко.

Пред неколку години Владимир Кличко рече дека ќе му биде предизвик да го собори рекордот на Форман и да стане највозрасен боксер во историјата, кој се борел за светската титула.

Форман на возраст од 45 години, девет месеци и 25 денови ја одбрани титулата светски првак во верзиите ВБФ и ИБФ кога го совлада 18-годишниот сонародник Мајкл Мурер.