Првпат ќе се игра 14 дена, има рекорден награден фонд, Централниот терен слави 100 години…

ТЕНИС – НА ГОДИНАШНИОТ ГРАНСЛЕМ-ТУРНИР ВО ВИМБЛДОН

Годинава наградниот фонд е зголемен за 15,2 отсто и ќе изнесува 40,35 милиони фунти

На годинашниот, 135-ти тениски гранслем-турнир во Вимблдон, кој почнува в понеделник и ќе трае до 10 јули, првпат ќе се играат натпревари во сите 14 дена. Во минатото, „средната недела“ беше изоставена од распоредот и на тој ден се играа мечеви само ако поради лошото време имаше одложувања на некои натпревари (досега само во четири наврати). Од годинава, во таа „средна недела“ ќе се прераспределат некои натпревари од вториот понеделник, во кој досега се играше комплетното четврто коло во поединечна конкуренција.

Организаторите велат дека тоа ќе го направи турнирот порелаксиран, а се претпоставува и дека ќе се заработат повеќе пари од продажбата на билети за дополнителниот ден и од ТВ-правата. Официјалните крпи што ги користат играчите се меѓу најпродаваните предмети во продавницата на Вимблдон, а секое издание на турнирот се одбележува со различен дизајн. Централниот терен летово одбележува 100 години и тоа ќе биде одбележано со посебна церемонија на 3 јули. На тенисер(к)ите годинава ќе им биде дозволено да тренираат на Централниот терен и на теренот број 1, кои се главни на Вимблдон, што е уште една голема промена во традицијата. Претходно на тенисер(к)ите не им беше дозволено да згазнат на тревните терени пред нивните натпревари, за разлика од другите три гранслем-турнири, Австралија опен во Мелбурн, Ролан Гарос во Париз, и САД опен во Њујорк, кои им дозволуваат да тренираат на терените.

Годинава наградниот фонд е зголемен за 15,2 отсто и ќе изнесува 40,35 милиони фунти (47 милиони евра), од кои победниците ќе добијат по два милиони фунти (2,33 милиони евра), поразените во финалињата по 1,22 милион евра. Л.Д.