За Ѓоковиќ ова беше шеста титула во Рим, која ја освои не губејќи ниту еден сет, со што стана и најстариот победник на овој турнир, постар за 10 дена од Рафаел Надал

Светскиот рекет број еден, Новак Ѓоковиќ (34), ја освои првата титула годинава на Италија опен во Рим, победувајќи го во финалето Гркот Стефанос Циципас, со 2-0 во сетови (6-0 и 7-6). Тоа е добра увертира за Ѓоковиќ пред Отвореното првенство на Франција на Ролан Гарос во Париз што започнува в недела, каде што тој ќе атакува на 21-та гранслем-титула. За српскиот тенисер ова беше шеста титула во Рим, која ја освои не губејќи ниту еден сет, со што стана и најстариот победник на овој турнир, постар за 10 дена од Рафаел Надал.
– По сѐ што ми се случи на почетокот од годината, важно ми беше да освојам голема титула, особено пред почетокот на гренслем-турнирите каде што сакам да играм најдобро. Во првите неколку месеци од годината притисокот врз мојот живот и врз кариерата беа на сосема поинакво ниво. Но тоа е веќе зад мене, сега се чувствувам одлично на теренот. Исто така и на психолошки план – изјави Ѓоковиќ, за кого тоа беше 1.001-та турнирска победа.
Кај жените, пак, титулата во Рим ја освои првата светска тенисерка, Ига Швјaтек (20) од Полска, која ја совлада Онс Жабер од Тунис, со 2-0 во сетови (6-2,6-2). За Швјонтек тоа беше петта турнирска победа, 28. во низа. Од моментот кога стана светски рекет број 1, на 4 април, таа победи на три ВТА- 1.000 турнири по ред, во Доха, Индијан Велс и во Мајами, а потоа и на земјен терен во Штутгарт и во Рим. Таа е една од главните фаворитки за триумф на Ролан Гарос каде што победи во 2020 година.