На оваа листа (трофеи од гранслем, финалињата на АТП, мастерс 1.000 или олимписки златен медал во сингл) води Ѓоковиќ со 63 пехари, пред Надал со 59, Федерер со 54 и Сампрас со 30 и тие се единствените што за една „голема титула“ им треба настап на помалку од пет турнири

ТЕНИС – АТП

Рафаел Надал со триумфот на тенискиот гранслем-турнир Ролан Гарос го освои 59-от голем трофеј и сега има четири помалку од Новак Ѓоковиќ во трката за „големите титули“, според податоците на Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП).
Надал постави два рекорда, со 22-от гранслем-трофеј и 14-ти на Ролан Гарос. „Големата титула“ е трофеј на гранслем-шампионатите, финалињата на АТП, турнирите од серијата мастерс 1.000 или олимписки златен медал во сингл, пишува АТП на својата интернет-страница.
Надал го освои својот 14-ти трофеј на Ролан Гарос, колку што вкупно гранслем-титули има легендарниот Пит Сампрас од сите четири гренслем-турнири заедно, пишува АТП.
Ѓоковиќ освојува една „голема титула“ на секои 3,3 одиграни турнири, откако има 63 трофеи од 206 настапи, а Надал се доближи до својот ривал со подобрување на стапката на победи, со освојување еден трофеј на секои 3,4 одиграни турнири (59/202). Само уште Роже Федерер со 4,4 (54/240) и Пит Сампрас со 4,9 (30/147) освоиле „голема титула“ со стапка поголема од еднаш на пет одиграни турнири, пишува АТП.