„Асоцијацијата за пливање на каналот“ ја востанови наградата „Нико Нестор – пливање за мир“ во 2019 година

Признанието „Нико Нестор – пливање за мир“ за украинскиот пливач Ступек

Минатиот викенд во Довер, Англија, на свечената церемонија, во организација на „Асоцијацијата за пливање на каналот“, на украинскиот пливач Виталиј Ступек, кој лани во август го преплива Ла Манш, му беше доделено признанието „Нико Нестор – пливање за мир“. Поради воените дејства во Украина, Ступек не беше присутен во Довер, а ќерката на Нико, Викторија Нестор, признанието му го врачи на член од неговиот тим.
„Асоцијацијата за пливање на Каналот“, која наградата „Нико Нестор – пливање за мир“ ја востанови во 2019 година, основана е во 1927 година и е меѓународно признаено тело за набљудување и за потврдување на автентичноста на препливувањето на каналот (Ла Манш). Во 1959 година, оваа асоцијација го потврди и му оддаде признание на потфатот на Нико Нестор, првиот Македонец и прв од тогашниот Источен блок (СФР Југославија, Советскиот сојуз итн) што го препливал каналот, од Кале, Франција кон Довер, Англија.
На доделувањето на признанијата во Довер, по покана од претседателот на „Асоцијацијата за пливање на каналот“, Мајкл Рид, присуствуваше и македонската амбасадорка во Велика Британија, Александра Миовска, која со градоначалникот на Довер разговараше за можностите за поврзување со Струга и со Охрид, од каде што потекнува Нико Нестор и каде што ја започнал успешната пливачка кариера.
Претседателот на „Асоцијацијата за пливање на каналот“, Мајкл Рид, е легендарен британски пливач, со многубројни награди освоени во светот, кој лично се познавал со Нико Нестор. Тој 33 пати го препливал каналот, а во 2011 година го препливал и Охридско Езеро.