Во Тајланд, во претходните две-три години имаме десет државни младински прваци во разни категории, како и шампионска титула од минатото екипно првенство. Редовно освојуваме рекорден број пехари и медали на сите младински турнири, вели Менкиноски, кој 10 години работи во Бангкок

РИСТЕ МЕНКИНОСКИ, ШАХОВСКИ ТРЕНЕР ВО ТАЈЛАНД

Во Бангкок најдов нов предизвик, во нова и многу поинаква средина. Имам мој шаховски клуб, во чии рамки одлично работи организирана школа. Тука сум од 2012 година, веднаш по Шаховската олимпијада во Истанбул, каде што бев селектор на женската репрезентација на Македонија. По завршувањето, екипата се врати дома, а јас продолжив за Тајланд, ни изјави Ристе Менкиноски, македонскиот ФИДЕ-мајстор со две норми за интернационален мајстор.
Менкиноски, роден во 1978 година во Струга, младински првак на Македонија стана во 1996 година, а сениорски во 2008 година, беше селектор на женската репрезентација на Македонија на Европското првенство во Нови Сад пред 13 години и на шаховските олимпијади (ШО) во Канти Мансијск (2010 година) и во Истанбул (2012-та). Играл за клубовите Стефо Балто (Струга), Маврово (Скопје) и за Прилеп. Сега е шаховски тренер во главниот град на Тајланд, Бангкок.

Со шахисти родени во 2008 година

– Во моментов повеќе од 100 деца во школата учат шах преку приватни или групни часови. Поради ковид-19, долго време часовите се држеа онлајн, а турнири не се организираа, но сега полека се враќаме во колосек. Тренирам десетина деца, преостанатите работат со други тренери во школата. Во Тајланд во претходните две-три години имаме десет државни младински прваци во разни категории, како и шампионска титула од минатото екипно првенство. Редовно освојуваме рекорден број пехари и медали на сите младински турнири.
Постои ли интерес за шах во Тајланд, а особено кај децата?
– Шахот оди во нагорна линија, сѐ повеќе млади го играат. Младите секој ден имаат различна активност, како што се шах, пливање, тенис, музичка едукација, кодирање и многу други нешта. Шахот е само еден дел од голема група образовни активности и затоа не е лесно да се најдат млади што се заинтересирани да бидат професионални шахисти или да освојат титула. Најмногу напредуваат оние што сакаат секојдневно да играат онлајн и не пропуштаат турнири.

На еден од тренинзите во клубот

Каква е разликата помеѓу шаховските школи таму и во Македонија?
– Тука шаховските школи можат да се самофинансираат од членарини и наплаќање часови, па, така, не е потребен спонзор или општина што би обезбедила просторија. Во мојата школа има деца од над 15 држави и прекрасно е да се работи со луѓе од различни нации и култури на едно место. Нема турнир на кој моите ученици не се на подиумот. Имам голема благодарност од многу луѓе во тајландскиот шах за мојот придонес и среќен сум што ја ценат мојата работа. Родителите во Тајланд имаат максимална почит кон луѓето што работат со нивните деца, било да е тоа шах или некој друг спорт. Луѓето тука се мошне љубезни и знаат да ги ценат професионализмот и знаењето што се нуди.
Колку долго планирате да останете во Бангкок?
– Уште долго, оти Тајланд е мојот втор дом. Но планирам во иднина да поминувам половина од годината и во Македонија.

[email protected]