Швјонтек нема загубено натпревар од февруари, 35 вкупно, Ѓоковиќ е во серија од 21 победа на Вимблдон и сака да стане првиот човек што освоил четири титули на Вимблдон по ред откако Федерер го освои петтиот последователен трофеј во 2007 година, Надал првпат пристигнува на Вимблдон откако ги освои првите два гранслем-турнира во сезоната и е во серија од 14 меча без пораз на гранслем-турнирите, Матео Беретини стигна до финалето во претходните четири последователни натпревари на трева…

ТЕНИС

Многу од најголемите светски имиња треба да учествуваат од денеска на годинашниот тениски гранслем-турнир Вимблдон, предводени од Серена Вилијамс, Рафаел Надал, Новак Ѓоковиќ и Енди Мареј, а играат и нови ѕвезди, како Ема Радукану, Ига Швјонтек и Карлос Алкараз, пишува „Би-би-си“.
Првиот носител Ѓоковиќ (35) и понатаму е фаворит за задржување на титулата, седма на Вимблдон, што би го израмнило со Пит Сампрас, за една помалку од рекордот на Роже Федерер, пишува „Би-би-си“. Ѓоковиќ е изедначен со Федерер со по 20 гранслем-титули и има цел да ја намали разликата во однос на Надал во континуираната трка за најмногу големи трофеи.
Иако лани мислеше дека неговата кариера е завршена поради хронична повреда на стапалото, 36-годишниот Надал се избори за да ги освои титулите на Австралија опен и на Ролан Гарос годинава, пишува „Би-би-си“. Набргу по освојувањето на рекордната 22. гранслем-титула во Париз, вниманието брзо се сврте кон Вимблдон и на тоа дали Надал ќе може да игра. На Шпанецот му беа потребни анестетички инјекции за да ја ублажи болката на Ролан Гарос, а откако направи медицински третман тој одлучи да отпатува за Лондон.
Вилијамс (40) доби покана за турнирот каде што освои седум од нејзините 23 гранслем-титули, но не играше во сингл откако се повлече поради повреда за време на нејзиниот натпревар од првото коло на Вимблдон лани. Швјонтек е доминантна на ВТА-турнејата годинава, откако го освои својот шести турнир по ред на неодамнешниот Ролан Гарос, а серијата од 35 победи ја доведе до огромно водство на врвот на светската ранг-листа. Првата носителка ги освои двете нејзини гранслем-титули на земјена подлога во Париз, стигна до четвртото коло на Вимблдон лани и беше јуниорска шампионка во 2019 година.

Во ждрепката за мажи, Матео Беретини се стреми кон првата голема титула. Силниот сервис и моќните удари на осмиот носител се добро приспособени за подлогата со трева, откако се врати од операција на раката, победи на девет меча по ред на трева за да ги освои титулите во Штутгарт и во Квинс. Карлос Алкараз го сметаат за иден повеќекратен гранслем-шампион, Хуберт Хуркач ја освои титулата во Хале минатата недела (лани стигна до полуфиналето на Вимблдон), Каспер Руд е трет носител откако стигна до финалето на Ролан Гарос…, пишува „Би-би-си“.
Официјалната интернет-страница на Вимблдон објави некои од активните низи што играчите ги имаат во пресрет на почетокот на турнирот. Така, Швјонтек нема загубено натпревар од февруари. Првата носителка, која ќе ја помине својата 13-та и 14-та недела како светски бр. 1, нема пораз на 35 меча по ред, што е рекорд во овој век, кој го дели со С. Вилијамс. Само двајца имаа подолги победнички серии во 2000-тите, Ѓоковиќ (43) и Федерер (41). Швјонтек освои шест турнира по ред, а ако победи на Вимблдон, ќе го помине Федерер.
Ако се обидете да се сетите кога последен пат Ѓоковиќ загубил натпревар на Вимблдон тоа беше пред пет години, а тоа не беше ниту завршен натпревар, оти се повлече на дуелот со Томаш Бердих во четврт-финалето во 2017 година, пишува Вимблдон. Шесткратниот шампион е во серија од 21 победа на Вимблдон и сака да стане првиот човек што освоил четири титули на Вимблдон по ред откако Федерер го освои петтиот последователен трофеј во 2007 година.

Надал првпат пристигнува на Вимблдон откако ги освои првите два гранслем-турнира во сезоната. Тој е во серија од 14 меча без пораз на гранслем-турнирите и на 36-годишна возраст првпат е на половина пат до календарски гран-слем. Надал, исто така, има уште една импресивна серија, тој стигна барем до четврт-финалето на неговите претходни 15 гранслем-турнири на кои настапи.
Сезоната на трева го зазема најкраткиот простор во професионалниот тениски календар. Матео Беретини е во победничка серија од девет натпревари за време на која ги креваше титулите на тревниците на Штутгарт и на Квинс. Вицешампионот на Вимблдон лани стигна до финалето во претходните четири последователни натпревари на трева.